Коалицијата веќе се потроши, вели лидерот на Демократска Бугарија
Христо Иванов вели дека коалиција по само неколку месеци го достигнала својот концептуален плафон, а во државата нема „јасно лидерство“
Копретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, смета дека бугарската владејачка коалиција го достигнала плафонот да функционира на овој начин и најави дека крева црвено знаме за партнерите. Тој најави и дека вчерашната одлуката на парламентот само за поправка на опрема од Украина наместо изпраќање на воена помош за Киев е „едно ништо“. Коалицијата беше речиси пред распаѓање затоа што социјалистите од БСП беа категорично против изпраќање воена помош, а колебливи се и од формацијата „Продолжуваме со промената“ на премерот Кирил Петков.
„И вчера и денеска коалицијата јасно стави до знаење дека го достигна својот концептуален плафон. Од друга страна, јасно гледаме дека државата не може да биде фрлена во услови на невладеење, да се урне овој кабинет или да се одржат избори“, изјави Иванов во интервју за БТВ, пренесува бугарски „Дневник“.
Според Иванов, коалицијата мора брзо да почне адекватно да реагира на кризата во Украина и на сите проблеми што произлегуваат од неа. Партиите во коалицијата ќе имаат внатрешни разговори како да продолжат да учествуваат во владата, бидејќи, како што рече, коалицијата не функционира. Но, неколку пати нагласи дека нема да се закануваат со предвремени избори.
Вчера, по повеќе од 5 часа дебати и спорови, парламентот одобри Бугарија да ја поправа опремата на Украина, која е нападната од Русија, а денеска спорот за местата во клучните парламентарни комисии и изборот на членови за регулаторот на медиумите покажаа дека коалициските несогласувања се множат.
Иванов рече дека Демократска Бугарија не се плаши од избори. „Ние ќе си ги земеме нашите гласови. Ако во овие услови земјата сега излезе на избори, апсолутно е непредвидлив уште еден елемент на кризата. Се плашам дека екстремистите како Преродба, кои со такво монструозно задоволство ги искористуваат стравовите на луѓето, можат да ја превртат кампањата во еден голем општествен пожар. На Бугарија ѝ треба мирно и јасно лидерство“, рече Иванов. Но проблемот, според Иванов, е што не е јасно кое е „јасното лидерство“
„Сакаме да испратиме многу јасен сигнал до коалициските партнери, но време е да се подигне црвено знаме. Крајно време е да се стави крај на нефункционирањето на коалицијата“, рече Иванов.
Бугарија мора брзо да одлучи како да се одбрани од агресијата на Кремљ, кој се обидува да го преиспита целиот меѓународен поредок во Источна Европа, а не само територијалните граници на Украина и во тоа да го вклучи статусот на земји како Бугарија, рече Иванов. Според него, коалицијата мора брзо да ја зголеми својата ефикасност и да почне адекватно да реагира на кризата во Украина и на сѐ што следи од неа.
„Вчера во парламентот се виде дека има речиси 200 гласови, огромно мнозинство кое сака да зборува за некаква акција како одговор на кризата со руската агресија врз меѓународниот поредок. Но, проблемот е што не успеавме да произведеме лидерство и значајна одлука. Произведовме едно ништо од кое сите се незадоволни“, рече Иванов.