Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ ќе оди на изборите


Од промоцијата на коалицијата (Фото: Борис Грдановски)

Мотото на високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ – „Никогаш северна, само Македонија“ вчера се преточи во коалиција на една партија и неколку здруженија од крајната десница кои ќе настапат заедно на изборите.

Договорот за заеднички настап го потпишаа Јанко Бачев во име на партијата Единствена Македонија, Јове Кекеновски како претставник на вмровската фракција Фродем, и Горан Неделковски од здружението „Тврдокорни“.

Јове Кекеновски изјави дека формирањето на оваа коалиција било потребно за да се стави крај на „досегашниот начин на водење политика и на сите обиди за доурнисување на сопствена држава и распродажба на националните и државните интереси“.

Јанко Бачев беше уште поостар и најави дека нивна главна цел е да го поништат Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, да ги поништат резултатите од пописот во 2002 година.

Горан Неделковски од „Тврдокорни“ зборуваше за лавовска борба. „Во секој Македонец ќе го разбудиме лавовското и ќе се бориме за оваа земја“, изјави Неделковски.

Во оваа коалиција се уште и Унијата на ветерани на ВМРО 1990 и Здружението на македонските друштва од Швајцарија. (Н.В.)