Коалицијата „Менуваме“ повикува на одговорни буџетски одлуки за заштита на правата и достоинството на лицата со попреченост


Коалицијата „Менуваме“ се обрати до јавноста и до пратениците во Собранието за време на тековната дебата за Предлог- буџетот за 2026 година. Тие ги повикаат сите пратеници, особено оние што поднесуваат амандмани во областа на социјалната заштита, да пристапат кон овој процес со професионализам, транспарентност и емпатија, целосно свесни дека нивните одлуки директно ги обликуваат животите, достоинството и иднината на десетици илјади граѓани со попреченост и нивните семејства.

„Во овој момент, вашите одлуки носат длабока одговорност и потенцијал да се спроведе правда таму каде што е најитно потребна“, предупредуваат од „Менуваме“, нагласувајќи дека е необјасниво намалувањето од 196 милиони евра на поддршката поврзана со попреченост.

„Според тековните проекции на Министерството за социјална политика, демографија и млади, буџетските линии поврзани со попреченост се намалуваат за 196 милиони евра, без: јасна методологија, транспарентно оправдување, анализа заснована на докази, или измени на придружните подзаконски акти“, велат од коалицијата додавајќи дека таквото намалување претставува директен ризик за основните човекови права, основното достоинство и секојдневното функционирање на некои од најранливите луѓе во нашето општество.

Во дописот до медиумите тие објаснуваат зошто овие намалувања се опасни.

Како прво, семејствата на лицата со попреченост се соочуваат со драматично повисоки трошоци за живот. Независните анализи постојано покажуваат дека домаќинствата што се грижат за лице со попреченост се соочуваат со најмалку 60 отсто повисоки трошоци за живот поради основни, а не опционални потреби како што се: медицински помагала и асистивна технологија, лекови и терапии, специјализиран превоз, континуирана поддршка од лицата што се грижат за нив.

„Овие трошоци го одредуваат преживувањето, здравјето, мобилноста, вклученоста и можноста за достоинствен живот“, велат од коалицијата „Менуваме“.

Понатаму, како што додаваат, доколку се усвојат, овие намалувања неизбежно ќе доведат до: ослабена социјална заштита, намален пристап до основни услуги, подлабока сиромаштија и исклучување, влошување на здравствените резултати.

„Социјалните права не можат да се намалат. Тие постојат за да ги заштитат оние кои немаат алтернатива“, велат од „Менуваме“.

Од коалицијата ја посочуваат и пресметката која ја направиле во однос на реалните трошоци за живот.

Користејќи ја официјалната минимална потрошувачка кошничка на ССМ од октомври (65.000 денари за домаќинство со четири члена), прилагодена за да ја одрази реалноста на семејствата со лице со попреченост: домаќинство со пет члена има потреба од: 81.000 денари, неизбежните трошоци поврзани со попреченоста се додаваат уште: 23.000 денари, вкупен месечен минимум: 104.000 денари (Заокружено: 100.000 денари месечно) што е еднакво на: 1.200.000 денари годишно, или 19.500 евра годишно, само за одржување на основните услови за живот – не удобност, не луксуз.

Ова е голиот минимум за опстанок, достоинство и општествено учество, велат од „Менуваме“.

Тие посочуваат дека нивниот детален извештај открива долгогодишни системски недостатоци, како и дека тековниот предлог за буџет ги игнорира реалните потреби и ризикува да ги турне илјадници лица со попреченост во уште подлабока економска, социјална, енергетска и здравствена сиромаштија.

Тие им укажуваат на пратениците од матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет дека усвојувањето на предложените амандмани не треба да биде политичко прашање.

„Тоа е морална, човечка и уставна обврска. Ги повикуваме членовите на Комисијата за финансии и буџет да: ги признаат сериозните пропусти во предлогот за буџет на Министерството за социјална политика демографија и млади, спречат понатамошно лишување од слобода на лицата со попреченост, поддржат амандмани што ја поддржуваат правдата, еднаквоста и солидарноста. Вие ја имате довербата и гласовите на илјадници семејства кои зависат од вашите одлуки за достоинствена иднина. Вашата заклетва е да им служите на луѓето. Сите нив“, велат од коалицијата „Менуваме“.