Клуге: СЗО свикува состанок за новиот вид на корона вирус


Светската здравствена организација (СЗО) ќе свика состанок на членките да ги разгледа стратегиите за борба против новиот, позаразен вид на корона вирус што се појави во Велика Британија, изјави денеска шефот на СЗО за Европа,Ханс Клуге,  не прецизирајќи го датумот на состанокот.

„Ограничувањето на патувањата со цел да се сузбие ширењето на вирусот е мудро се додека немаме повеќе информации. Синџирите за снабдување со основни прозиводи и нужните  патувања треба да останат можни“, порача на Твитер регионалниот директор на СЗО и притоа повика на засилени превентивни мерки.

Ова тело на ОН со седиште во Женева вчера соопшти дека новиот вид коронавирус, откриен во Велика Британија, за кој се покажа дека се шири побрзо од претходната варијанта, „не е надвор од контрола“.

Марија Ван Керхове, технички лидер на СЗО за Ковид-19, кажа дека новиот вид на коронавирус, иако позаразен, не предизвикува потешки форми на болеста или повеќе смртни случаи, повикувајќи се на британски анализи.

СЗО, исто така, соопшти дека наскоро очекува повеќе детали за можното влијание на новиот многу позаразен вид на коронавирус, додека голем број земји ги затворија границите за патување од Велика Британија од страв од негово ширење.

Новиот вид што ја вознемири Велика Британија е откриен и кај поединци во Австралија, Исланд, Италија и Холандија, а имало и неколку случаи во Данска.

Во денешното соопштение  СЗО повтори дека се уште нема доволно информации за да се утврди дали новиот вид на корона вирус може да влијае врз ефикасноста на вакцината и додава дека испитувањата се во тек.