Клуге: Омикрон може да стави крај на пандемијата на Ковид во Европа, но можни се изненадувања


 Омикрон го означи почетокот на новата фаза во пандемијата на Ковид-19, а можеби и нејзиниот крај во Европа, изјави шефот на европскиот огранок на Светската здравствена организација (СЗО) Ханс Клуге.

– Може да се заклучи дека регионот се приближува кон своевидна последна фаза на пандемијата“, изјави вчера Клуге за АФП, додавајќи дека до март 60 отсто од Европејците би можеле да бидат заразени со омикрон, пренесува Хина.

Кога сегашниот бран на инфекција со омикрон во Европа ќе стивне, „ќе се воспостави глобален имунитет кој ќе трае со недели и месеци, благодарение на вакцината и имунитетот што луѓето го стекнале преку зараза и намалената сезоналност, објаснува Клуге.

– Очекуваме период на мир, а потоа на крајот на годината Ковид-19 би можел да се врати, но не мора да биде пандемија, додаде Клуге.

Шефот на европската канцеларија предупредува дека е премногу рано да се прогласи Ковид-19 за ендемична болест, како што е грипот. – Многу се зборува за ендемија, но ендемија значи… дека можете да предвидите како ќе се развиваат работите. Вирусот веќе неколку пати не изненади, па мораме да бидеме многу внимателни, нагласува Клуге. – Омикрон се шири многу брзо и може да се појават нови варијанти, додава тој.