Клучот на решението со Бугарија враќање на довербата, идентитетот и јазикот надвор од преговорите


Во завршна фаза е усогласувањето на еден единствен акциски план со Бугарија. Владата вчера, преку владиниот портпарол Душко Арсовски, повтори дека нема промена на нашите позиции во преговорите со Бугарија – за македонскиот идентитет, народ и јазик не се разговара и нема да се преговара. Апелира да не се влегува во круг на навреди и обвинувања и говор на омраза кои нема да донесат добро за никого, најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ. Од друга страна пак, вчера, за време на неговата посета на земјава, известувачот за Северна Македонија во Европарламентот, Илхан Ќучук, рече дека билатералните прашања да се решаваат во билатерален формат, а историјата треба да биде оставена на историчарите.

Ќучук порача дека важен дел од секоја рамка се добрососедските односи и оти е потребно е да се врати меѓусебната доверба, со цел да се изградат здрави добрососедски односи за идните генерации. – Историските прашања треба да се решаваат од компетентни историчари. Разговорите за историјата треба да бидат оставени на професионалци. Политичарите се одговорни да носат политички одлуки, не да ги сокријат под килим, и да речат виновни се историчарите, рече Ќучук, на заедничка прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Додаде дека заедничката Комисија треба да ја продолжи работата и оти мора да се врати меѓусебната доверба, бидејќи, како што посочи, без тоа не можат да се постигнат добри резултати.

Ќучук истакна дека нивната улога како политичари е да не прават ѕидови, туку да ги уриваат, а граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија да живеат во попросперитетен свет. Тој додаде дека нема лесен разговор за историјата, оти никогаш немало, но дека разговорите за историјата бараат „поглед, гледање во иднината и за тоа каде сакаме да бидат идните генераци и како да живеат“.

 

– Стратешки интерес на Северна Македонија е да биде во ЕУ, а исто така и стратешки интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде дел од ЕУ, и поради тоа има потреба од разговор, чесност во односите, враќање кон Договорот од 2017, бидејќи без доверба не можат да бидат постигнати добри резултати, потенцира Ќучук.

Во однос на Нацрт-резолуцијата за земјава, што претстои да се усвои од страна на Европарламентот, Ќучук рече дека неговата улога како известувач е објективна и ја отсликува реалната слика за земјава, истакнувајќи дека Северна Македонија има силен ангажман во реформите.

– Достигнувањата како што се членството во НАТО и во ЕУ бараат наднационален консензус и во тоа сите треба да имаат улога – граѓаните повеќе да бараат од политичарите, но и конструктивност од опозицијата. Реформите, што се важен дел од програмата на Владата, треба да продолжат многу интензивно, бидејќи Европската Унија бара длабоки реформи, рече Ќучук.

Тој истакна дека во тешки моменти Северна Македонија подавала рака на ЕУ и обратно – Унијата подавала рака на Северна Македонија, бидејќи, како што оцени, интерес на ЕУ е да биде глобален политички играч, а тоа е можно само со интегрирање на Западниот Балкан во Европската Унија.

Шефот на дипломатијата Османи, од своја страна посочи дека Северна Македонија испорача на сите полиња и заслужува вреднување, а ЕУ треба да ја операционализира одлуката од март минатата година и да ја одржи првата меѓувладина конференција.

– Европскиот парламент да го вреднува нашиот напредок. Сведоци сме на гласната поддршка на Европскиот парламент во сите фази на нашето пристапување во ЕУ и ја цениме Вашата лична заложба што овој важен документ што го изготвувате, ќе ја отсликува реалната слика и ќе претставува важен импулс не само за земјава, туку и за регионот, посочи Османи додавајќи дека земјава не очекува ништо повеќе од она што е реално, од она што е јасно и видливо и веќе неколкупати повторено, а тоа е дека испорача на сите полиња, и заслужува вреднување на остварениот напредок.

Навистина сметам, нагласи Османи, дека е важно европратениците да го вреднуваат нашиот прогрес, нашиот напредок и преку оваа резолуција, иако не е обврзувачки документ, да се претстави јасен израз на европскиот политички дух, објективен суд за европските вредноси како најголем заштитник на европскиот кредибилитет.

– Нам ни е јасно дека тоа не е доволно и ние сме подготвени да работиме и натаму на сите полиња во континуитет да ги отстраниме сите пречки кои стојат пред нас се до полноправното членство во Унијата. Во оваа насока секако го отворивме и прашањето за нашите односи со Република Бугарија, и покрај разочарувањето во земјата, со несмалено темпо се одвива политичкиот дијалог со цел да не дозволиме поширок застој на меѓусебните односи, рече министерот за надворешни работи.  

Се одвива, рече Османи, политички дијалог со Бугарија и затоа да не дозволиме поширок застој во билатералните односи, а во тој контекст при крај и е Акцискиот план.

– При крај сме на финализација на Акцискиот план којшто ќе претставува значаен документ за да ја следиме линиската соработка во сите области и очекувам преку посветена работа и трпеливо да ја вратиме довербата и во политичкиот дијалог, рече министерот за надворешни работи Османи.

Преголемите емоции, рече Османи, внесени од едната или другата страна, не оставаат простор за решавање на проблемите. Затоа смета дека треба да се врати изгубената доверба меѓу двете земји и, како што рече, тоа може најдобро да се направи ако ја зајакнеме соработката.

Претседателот на државата Стево Пендаровски на средбата со Ќучук го повторил очекувањето за скорешно одржување на првата меѓувладина конференција, со што ќе се означи официјалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Отпочнувањето на преговорите, според Пендаровски, ќе биде дополнителен мотив за понатамошно спроведување на неопходните реформи. Билатералните прашања, потенцирал Пендаровски, треба да се решаваат во духот на добрососедството и на европските вредности.

Пендаровски исто така оцени дека резолуцијата на ЕП е важен документ кој треба да ја одрази реалната слика за постигнатите реформи и политичката ситуација во земјата, како и да посочи на прашањата на кои треба да се фокусира државата во следниот период.

Поддршката за европските перспективи на нашата држава беше истакната и  на средбата на премиерот Зоран Заев со европратеникот Ќучук, на која е констатирано дека билатералните односи треба да се решаваат посебно меѓу државите и не треба да бидат дел од европската преговарачка рамка.

-Целосно сме фокусирани на реформите, со најголем фокус на правосудството, каде започна практичната имплементација на донесените законски решенија. За нас нема алтернатива за членството во Европската унија. Низ политиките на разбирање и дијалог ќе продолжиме да работиме, со цел придонес во добрососедските односи и не само затоа што тоа е важно за европскиот начин на однесување, туку и поради потребата од пријателските односи помеѓу соседските држави, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на средбата со известувачот на ЕП Ќучук, ги истакна нашите очекувања од Резолуцијата на ЕП, која треба реално да ги отсликува постигнатите реформи и демократските процеси на земјата.

-Ги цениме заложбите на Европскиот парламент и вашите лични заложби за што поскоро усвојување на Преговарачката рамка, процес кој мора да се одвива во европски дух. Само со почитување и применување на европските вредности може да се дојде до заемно решение кое ќе овозможи што побрзо одржување на долгоочекуваната и заслужена меѓувладина конференција, како официјален старт на процесот за кои сме подготвени, рече Димитров.

Димитров потенцираше дека пристапните преговори треба да бидат пред сѐ алатка за суштински секторски реформи и постигнување на европските стандарди, информирајќи за остварените реформски активности и цврстата заложба за продолжување на процесот во клучните области.

Европратеникот Ќучук, пак, во пресрет на усвојувањето на Резолуцијата во ЕП му ги презентираше ставовите на АФЕТ во однос на иднината на евроинтеграцискиот процес и изрази принципиелна поддршка за европските цели на Северна Македонија.

Владата во исто време повтори дека нема промена на нашите позиции во преговорите со Бугарија – за македонскиот идентитет, народ и јазик не се разговара и нема да се преговара. -Апелираме да не се влегува во круг на навреди и обвинувања и говор на омраза кои нема да донесат добро за никого, најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ, порача портпаролот на Владата Душко Арсовски.

-Во завршна фаза е усогласувањето на еден единствен акциски план со Република Бугарија. Владата цело време е силно мотивирана низ дијалог да се најдат заеднички точки за отворените прашања. Експертските тимови од министерствата за надворешни работи се во постојана комуникација, а министерот Османи најави нов пристап растоварен од емоции. Тоа на некој начин е дополнителен поттик на процесот, рече Арсовски.

Тој нагласи дека нема што да додаде во таа насока, бидејќи како што рече, министерот Османи вчера добро го објасни тоа, и потенцира дека на одредени точки работата од акцискиот план може веднаш да започне.

-Такви точки се инфраструктурата, спортот, образованието, информатичкото општество, туризмот, други обврски кои се на двете страни, се со цел да се јакне пријателството помеѓу двете држави. Во духот на конструктивноста потенцираме дека Владата секогаш комуницира со внимателен и достоинствен дипломатски наратив со апел да негуваме говор и комуникација што ги приближуваат  разликите, рече Арсовски.