Клучен ден во Брисел: Курти разговара со Борел, Вучиќ со Ескобар
Главните преговарачи на Белград и Приштина се состануваат во Брисел за да разговараат за предлогот на ЕУ за Косово (т.н. германско-француски план). Новата рунда преговори започна во 15 часот. Танјуг јави дека Александар Вучиќ најпрвин се сретнал со американскиот пратеник Габриел Ескобар, како и дека започнала посебна средба на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, со косовскиот премиер Аљбин Курти. Борел и Лајчак потоа ќе се сретнат со Вучиќ, по што ќе следи заедничка средба.
Според некои информации, на новинарите им било кажано да бидат подготвени за изјава на високиот Жозеп Борел пред 18 часот, од која може да се заклучи дека очекуваат брз крај на преговорите. Висок функционер на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, во петокот рече дека има силни сигнали од двете страни – дека европскиот предлог ќе биде прифатен. ЗСО е дел од договорот меѓу Белград и Приштина, а со прифаќањето на европскиот предлог за решавање на косовското прашање во понеделник, ЗСО автоматски се прифаќа, рече тој. Тој изјави и дека прифаќањето на тој предлог значи де факто признавање на Косово. Претседателот на Србија пред заминувањето изјави дека нема да има капитулација или враќање во 90-тите.
Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, пред денешната средба меѓу Вучиќ и Курти во Брисел изјави дека „не очекува брзи резултати“. Тој посочи и дека од гледна точка на САД е многу важно да се реализира Заедницата на српските општини.