Клубот „Ванчо Михајлов“ е со отворени врати, решението од Правда уште патува за Битола

Решението на министерот за правда е испратено по пошта, но тоа уште не стигнало во бугарскиот клуб


 

БИТОЛА – Клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола и натаму е со отворени врати, си работи секој ден, нормално како и претходно, а членовите и поддржувачите на клубот си имаат средби. Решението на министерот за правда Кренар Лога, со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение, пет дена патува за Битола.

Во меѓувреме стаса и извештајот на Стејт департментот за човекови права дека Македонија има многу подобар однос кон етничките малцинства отколку Бугарија и што е поважно, дека никој не гледа системска дискриминација во однос на Бугарите во нашата држава. Отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“,  Стејт департментот го става во контекст на реакциите на Еврејската заедница во Македонија.  

За жал од Клубот денеска останаа недостапни да дадат свој став за извештајот. Претседателот Љупчо Ѓоргиевски иако во телефонска порака се интересираше кој медиум бара изјава, сепак не се јави на нашите повици.

Инаку лице кое е ангажирано во бугарскиот клубот во Битола за „Независен“ вели дека решението на Лога сѐ уште не стасало до нов и дотогаш клубот ќе си функционира како и во приодот претходно.

„Досега не сме добиле решение, не знаеме што пишува внатре сѐ додека не го добиеме на рака. Не се поведуваме по медиумите сѐ додека документот не го разгледа нашиот адвокат. Што ако имаме право на жалба на тоа решение?“, велат од клубот за „Независен“.

Од Министерството за правда за „Независен“ потврдуваат дека решението е испратено по пошта за Битола и во него стои дека клубот има право на жалба.

„Решението го пративме по пошта, ќе стигне. На крајот од решението пишува дека незадоволната странка од ова решение ќе може да поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението“, ни изјави Арбен Зеќири, портпарол на Министерството за правда.

Министерот за правда Лога на 16 овој месец го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Ваквата одлука на министерот уследи откако претходно Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов. 

Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности и наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура.

„Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“, беше наведено во соопштението од Министерството за правда.

Пред четири дена Ѓоргиевски  на Фејсбук напиша дека правдата за забраната на употребата на името Ванчо Михајлов ќе ја бараат пред судот во Стразбур.

„Со својата последна одлука, Комисијата за употреба на имиња на лица и министерот за правда смета дека именувањето на клубот ‘Иван Михаилов’ е проблем. Со ова РСМ го предава случајот на ВМРО и заштитата на Македонците. Не се откажуваме и ќе стигнеме до Стразбур, ќе се бориме и за нашите права и за отстранување на фалсификуваната историја и за отворање на удбашките досиеја и никој не може да не спречи!“, напиша Ѓоргиевски. (А.Б.)