Клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград сепак ќе се отвори, градоначалникот се премислил


Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград судски беше затворен на 2 август 2023

 

Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград сепак ќе се отвори.  Градоначалникот на Благоевград се премислил, како што соопштија од иницијативниот комитет и дозволил клубот да биде отворен на 30 октомври. На свеченоста, според соопштението,  поканети се и првите луѓе на македонската и на бугарска влада.

Клубот е основан од иницијативен комитет, во чиј состав е и Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права, а ќе има за цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Македонија и Бугарија и да ги зајакне врските меѓу Македонците и Бугарите ширум светот, велат организаторите на настанот.

Во соопштението стои: „На 30 октомври нашиот скромен македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ свечено ќе ги отвори вратите во Благоевград. Клубот има за цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Бугарија и Македонија, да ги зајакне врските меѓу Македонците во Бугарија и Македонците ширум светот.

Основан е од Иницијативен комитет, во чиј состав е и Здружението за „Заштита на основните индивидуални човекови права“, регистрирано во согласност со бугарскиот закон во Агенцијата за регистрација на 30.8.2019 година. 

„Настанот е дозволен од градоначалникот на општина Благоевград. Поканети се премиерите на Бугарија и на Македонија, амбасадори и градоначалникот на Благоевград, како и  медиумите од двете страни на границата. Поканети се и пријатели и гости од земјава и странство. Поканети се  добронамерници, кои ги споделуваат и поддржуваат нашите цели – добредојдени сте! Повелете!

Скромната прослава ќе се одржи со следната програма – отворање со поздрав кон присутните,  осветување според христијанските обичаи, поздрави од официјалните гости на прославата, положување цвеќе на спомениците на Димитар Благоев и Гоце Делчев, како и на спомен обележјето на Гоце Делчев во дворот на црквата“, стои во објавата на клубот.