Клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград ќе биде отворен и покрај забраната

„Ова е срамота. Покажува на што сè се подложени Македонците во Бугарија“, вели претседателот на ОМО „Илинден-Пирин“, Стојко Стојков, за декларацијата со која Советот на Општина Благоевград го забрани отварањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“, со образложение дека Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации и дека таму нема место за македонисти.
„Овие луѓе во Советот на Благоевград ,ако самите не се Македонци, имаат роднини и пријатели кои се. Тие знаат дека има многу Македонци во Бугарија и во Благоевград. За да излезат со таква позиција, објаснување е само дека се создава атмосферата на страв и омраза против Македонците овде“, вели Стојков за „Слободен печат“.
Клубот го отвора Македонското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права, а тие, како што вели Стојков, за декларацијата на Оппштина Благоевград дознале од медиумите и сè уште не ја добиле одлуката.
Стојков вели дека досега немале контакт со македонската влада во врска со отварањето на овој клуб, и покрај тоа што во април, кога се отвараше бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе има реципроцитет со Бугарија и дека есенва ќе се отвори македонски клуб во Благоевград.
„За жал, нема ништо од македонската влада. Но, и тие ќе бидат поканети на отворањето“, вели Стојков.