Клубот бил крстен по Ванчо Михајлов за да биде рехабилитиран како лидер на ВМРО
Најголемата иронија е што клубот кој го носи името на фашистички соработник е лоциран во срцето на некогашното Еврејско маало во Битола од каде Евреите биле собрани и депортирани во Треблинка
БИТОЛА – „Ванчо Михајлов мора да се рехабилитира како последен водач на ВМРО, затоа и Културниот клуб во Битола го носи неговото име“. Вака одговарат од Културниот центар „Ванчо Михајлов“ Битола по изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека е спорно името на бугарскиот клуб во Битола, а не самото отворање на клубот.
„Ванчо Михајлов е последниот водач на ВМРО, на историското ВМРО и еден ден мора да се рехабилитира. Каков и да е? Мора да се каже вистината за Михајлов. Ама да не се каже вистината само од едната страна, туку едноставно да се прочитаат неговите четири тома што ги објави“, велат од Културниот центар во Битола за „Независен“.
На прашањето зошто не е избрано име од историјата, што ќе се поврзува со културата, на пример, името на Димитар Талев, еден од бугарските писатели со македонско потекло, родум од Прилеп, кој е многу поблиску до целта за формирање културен клуб во Битола, од „Ванчо Михајлов“ велат дека „стремежот на Клубот е да се прикаже историјата за Македонија од времето на ВМРО“.
„Треба и кон тоа се стремиме да се рехабилитира последниот лидер на ВМРО. Најмалку од сѐ бевме со фашистички идеи за оваа работа. А што се однесува до Димитар Талев, секоја чест, но и него не го изучуваме овде и тој е сатанизиран“, велат од Клубот.
Вториот спорен момент, според јавноста, е што клубот се наоѓа во улицата „Рузвелтова“ во строгиот центар на Битола за која историчарите и хроничарите на градот велат дека била дел од еврејскиот кварт. Улица во која живееле Евреи кои беа убиени во нацистичкиот логор Треблинка по депортацијата во 1943 година.
Од бугарскиот клуб во Битола велат дека воопшто не знаеле за историјата на оваа улица и при изборот на локацијата се воделе од поволната понуда за закупнина на објектот.
„Сѐ е случајно, немавме поим сѐ додека не излегоа во медиумите тие написи. Локацијата е заради понудата за месечна закупнина и заради ништо друго“, наведуваат од Клубот за „Независен“.
Клубот „Ванчо Михајлов“ во еврејското Ла маале
Историчарот од Битола, професорот Васко Гичевски, за „Независен“ вели дека објектот на клубот „Ванчо Михајлов“ е во улица која е многу блиску до Широк Сокак, од каде Евреите се спроведувале до железничката станица прво до Монополот во Скопје, а потоа до Треблинка, додека пак улицата „Рузвелтова“ била собиралиште од каде Евреите заминувале во партизани.
Гичевски раскажува дека клубот е сместен во срцето на некогашното еврејско маало „Ла маале“, во куќата која некогаш припаѓала на прочуениот битолски фотограф Папакоч. Во ова маало живееле едни од највидните битолски еврејски фамилии, Калдерон и Челебон. Спроти денешниот клуб, постои објект кој кај битолчани е познат како Пионерски дом. Тој објект, кој е отворен во 1903 година, за време на османлиското владеење, служел како еврејско училиште за девојки, едно од првите и најдобрите световни училишта за припадничките на женскиот род во Битола. Училиштето било подигнато на земјиште кое претходно му припаѓало на некој вакуф.
Зад него имало рифаитско теќе, што полека паѓало во заборав. Објектот бил подигнат со средства на Универзалната еврејска алијанса. Во овој објект подоцна било сместено и друштвото „Хашомер Хацоир“, кое организирало премин на Евреите во партизани и организирање на групи, кои требало да одат во Палестина. Малку подолу од самиот клуб „Ванчо Михајлов“ било сместено француското училиште на „Маристите“, објект кој денеска е познат како Работнички универзитет. Во 1905 година училиштето имало 55 ученици од кои добар дел биле Евреи.
„Клубот посветен на експонент на фашизмот на антимакедонските идеи, е поставен во срцето на еврејското маало. Едноставно несфатлива е иронијата на судбината, еден докажан фашистички соработник, да биде сместен во срцето на еврејското маало, кое згасна со погромот на Евреите извршен од страна на бугарската фашистичка војска. Интересно е да се напомене дека оваа улица за време на бугарската окупација го носела името ‘Бенито Мусолини’. За мене лично е непоимливо да отворите културен клуб со име на човек кој има 7 смртни пресуди, притоа е докажан соработник на фашизмот и најапсурдното е што и воопшто нема никаква допирна точка со културата. Според мене, ова е израз на една тешка провокација и показ на тоа колку во суштина Бугарија, доминира во политичките процеси во Македонија“, вели историчарот Гичевски.