Клинтон од Приштина: Потребна беше храброст да го одложите оружјето и да облечете костуми и да ставите кравати


Поранешниот американски претседател Бил Клинтон се обрати денеска до претставниците на косовските власти и косовскиот народ кој го пречека во центарот на Приштина.

Клинтон при обраќањето во главниот град на Косово, каде беа присутни и претставниците на косовските власти, им нагласи дека била потребна храброст да го „одложат оружјето, да облечат костуми и да стават кравати“, но дека сега ќе им биде потребно поинаков вид на храброст.

Клинтон на плоштадот Скендербег, каде се одбележува 20 години од влегувањето на НАТО силите на косовска територија, изјави дека пред 20 години била потребна огромна храброст за, како што вели, „да се борите за вашите животи, домови и вашите деца“.

„Тогаш беше потребен поинаков вид на храброст за да се спушти оружјето, да се облечат костуми и да ставите кравати. Ќе биде потребен сосема поинаков вид на храброст, мудрост и издржливост да замислите и да изградите подобро утре“, им порача Клинтон на собраните луѓе.

Клинтон, еден од клучните луѓе кои влијаеја на одлуката НАТО да интервенира на Косово, меѓу останатото истакна дека ја „сака таа земја“ и дека за него секогаш ќе биде голема чест што бил покрај нив „против етничкото чистење и за слобода“.

На одбележувањето во Приштина присуствуваат и некогашната државна секретарка на САД Медлин Олбрајт, поранешниот командант на НАТО Весли Кларк, заменик помошник државниот секретар на САД Метју Палмер, премиерот и претседателот на Косово Рамуш Харадинај и Хашим Тачи…