Климатските промени се кошмар за многу вински региони, но „Тиквеш“ има иднина: Интервју со Алан Делоар

Фиксирањето на цената на грозјето е погрешно бидејќи нема директна врска меѓу концентрацијата на шеќер и ароматските профили на фенолската зрелост на виното, вели за „Независен“, Алан Делоар, француски експерт за одржливо лозарство


Го открив македонското вино со луѓето од „Тиквеш“ и навистина сум импресиониран од квалитетот и уникатноста во однос на ароматските профили на виното и типичноста: Алан Делоар

 

Климатските промени се кошмар за многу вински региони во светот и управувањето со лозјата во новите околности станува приоритет. Во нашата најголема винарница, „Тиквеш“ од Кавадарци повеќе години наназад ги имаат согледано климатските предизвици и преземаат повеќе активности за да се прилагодат што е можно подобро кон промените кои се чини стануваат неминовни. Во таа насока е и ангажманот на професорот Алан Делоар, француски експерт за одржливо лозарство, специјализиран за климатски промени и еден од десетте најдобри стручњаци во делот на лозарството. Станува збор за светски признат експерт кој работел 10 години како лидер на тимот за лозарство на Moët & Chandon (Шампањ, Франција), професор е по екофизиологија на винова лоза и овошје во Montpellier SupAgro (Франција), три години на Универзитетот Stellenbosh (Јужна Африка) каде што бил раководител на одделот за лозарство и винарство и три години како директор на еден од националните центри за лозарство и винарство во Австралија.

Од 2020 до 2023 Делоар беше еден од екпертите во транснационалниот проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“, во различни избрани области во Словенија, Хрватска, Норвешка и во Македонија. Значи, покрај неспорната експертиза, имал можност да ги запознае спецификите на нашето лозарство и вино и да ги спореди со други области во регионот и во Европа.

Во разговорот за „Независен“ професорот Делоар зборува за повеќе важни теми поврзани со климатските промени, за можноста Македонија да биде препознаена како винска земја и производител на врвни тероар вина, за регионалната инцијатива за промоција на Вранецот, но и за искуствата за одредување на откупните цени на грозјето…

 

Господине Делоар, не сте прв пат да во Македонија. Која е причината за вашата посета? На кој проект работите сега?

Целта на посетата е да се погледнат најважните вински региони – лозјата на „Тиквеш“ во Бабуна, Барово, Лепово…, бидејќи моментално се соочуваме со климатски промени и не е лесно да се управуваат лозјата. Една од практиките која ја имплементира ВВ „Тиквеш“ е наводнувањето, кое е многу важно затоа што за да одгледувате грозје или било кои растенија ви е потребна вода. За да произведувате грозје не ви треба многу вода, но ви треба вода. Главниот фокус овој пат е управување со наводнување на лозјата, но на одржлив начин. Тоа значи да се донесе точната количина вода во точно време во однос на развојот на лозата. И ова е поврзано со практични цели, како опстанокот на лозјето, бидејќи без вода нема лози, а одржливоста на лозјето и приносот се поврзани со квалитетот на виното.

 

Сведоци сме на климатските промени. Оваа година е многу, многу сува. Како ги оценувате условите за одржливо производство на квалитетно винско грозје во Македонија и како на тоа влијаат климатските промени?

Прашањето се однесува на повеќето вински региони во светот. Еден од кошмарите за винарниците или за лозарите е варијабилноста меѓу бербите. За жал, поради климатските промени температурата се зголемува. Има помалку вода, помалку дождови и распределбата на врнежите е различна. Пролетните поплави или мразот, сушата и топлотните бранови се исто така големи предизвици. Проблемот е што тие не може да се предвидат. Секоја година е различна. Затоа треба да бидете подготвени да управувате секоја година различно. За тоа треба да разберете како функционира лозјето, треба да ја разберете физиологијата на лозата, што е моја експертиза. И треба да ја разберете врската меѓу, на пример, листовите и бобинките, корените и бобинките. Така што, треба да разберете како функционира лозата за да можете, кога ќе се соочите со проблем, да донесете правилни решенија. Понекогаш за жал нема решенија. На пример, ако немате вода затоа што нема дожд, нема вода во почвата и не може да наводнувате и ако поради тоа што немате вода ја достигнете физиолошката граница на функционирање на лозата – тоа е крај на приказната.

 

Каква е ситуацијата во Македонија, во регионот на Тиквеш?

Досега е во ред. Во ред е затоа што имаат пристап до вода и можат да наводнуваат на многу разумен начин. Да бидам искрен, без вода би било многу тешко или дури невозможно да се одгледува грозје во некои области.

„Тиквеш“ успешно управува со наводнување на лозјата. Кога немате вода, тогаш имате проблем со приносот, со одржливоста на лозјата. Квалитетот е лош и последици ќе има и следната година, вели Алан Делоар

Мислите на некои области тука?

Да. Но, не се само врнежите. Оваа година имавме еден месец топлотен бран. Кога зборуваме за топлотен бран, дефиницијата е максимална температура над 35 степени. Врнежите не беа толку значајни. Ако нема дожд или ако има малку дожд плус топлотен бран, тогаш лозјата кои не се наводнувани многу страдаат и дури веројатно е дека нема да дадат род. А, кога лозата е под стрес, нема квалитет. Француската приказна што понекогаш ја слушате дека е корисно лозата да ја изложите на стрес за да добиете квалитет, е глупост. Значи, кога немате вода, тогаш имате проблем со приносот, со одржливоста на лозјата. Квалитетот е лош и тогаш проблемот е што последици ќе има и следната година. Бидејќи за следната година производството се „гради“ сега.

 

Како ги оценувате активностите што ги презема „Тиквеш“ во однос на климатските промени? Што треба да се направи за да биде подобро?

Во „Тиквеш“ го разгледуваат лозјето во рамките на интегриран пристап, што значи дека се обидуваат да избегнат да применуваат рецепти. Од почвата, која е многу важна, преку лозите земајќи го предвид и климатскиот аспект. За да дадат практичен одговор, на пример, ја разгледуваат животната средина на почвата, здравјето на почвата, што е важно, го разгледуваат развојот на кореновиот систем. Тие управуваат со садење на растенија кои ги подобруваат карактеристиките на почвата. За време на зимата тоа е важно, бидејќи е еден од начините да се помогне.

Овој посев меѓу редовите во лозјето е важен затоа што за време на зимата, дури и ако има малку дожд, ќе помогне водата да се спушти во почвата. Исто така шеќерот од засадените растенија ќе помогне да се нахрани она што го нарекуваме микробиота, животот на почвата, бактериите и габите, итн., што е многу важно за здравјето на почвата. И потоа, секако ги имаат сите техники како што се наводнување, управување со крошната, се обидуваат да ја намалат површината на лисјата за да ја намалат транспирацијата, итн. Значи, има многу начини, тие практикуваат неколку алатки и имаат интегриран пристап, кој е интересен.

 

За сето тоа се потребни сериозни инвестиции. Дали компаниите можат да го направат тоа сами или е потребна и системска поддршка?

Кога зборуваме за пари, тоа не е мојот дел, но на пример, дури и тука, само за да се инвестира во систем за наводнување, зборуваме за милиони. Тоа се многу средства. Многу важно е да инвестирате во добри луѓе. Потоа, треба да инвестирате во знаење, треба да инвестирате во луѓе кои можат да ви помогнат да управувате. Ова е инвестиција која често се заборава. Но, важно е да ги имате вистинските луѓе на вистинското место, да ги задржите и да ги обучувате. Тоа е инвестиција која е важна за компанијата. Така што, има технички дел од инвестициите и човечки дел од инвестициите.

 

Дали државата може да им помогне на компаниите во нивните напори за унапредување на производството и за неопходната транзиција?

Не е моја експертиза, но само сакам да се вратам на садењето. Во „Тиквеш“ садат големи површини со нови лозја. Но, треба да разберете дека пред новата лоза да започне со родот потребни се пет години. Значи, за време на пет години не добивате род, а за да добиете вистински квалитет ќе ви требаат можеби 10 години. Значи, тоа е вистинска инвестиција, тоа чини. Ако лозјата се со ниска ефикасност и даваат помалку род, помалку род дава помалку пари, па треба да се променат. Но, ако во земјоделството нема евтини пари на долг рок, тогаш сѐ е скапо. Земјоделството е долгорочно со ниска каматна стапка. Ако ги немате овие нешта, тогаш сè е скапо. Во Франција, во Европската унија, има поддршка за сите кои инвестираат. Има поддршка ако инвестирате, има поддршка ако продавате во странство, ако извезувате, ако барате нов пазар… Од друга страна владата не преговара за цената, туку преговорите се за квалитетот.

Во „Тиквеш“ садат големи површини со нови лозја, но пред да започне родот потребни се пет години, а за да добиете вистински квалитет можеби 10 години. Тоа е голема инвестиција, тоа чини

Преку вашата соработка во транснационалниот проект (2020 – 2023) чија цел, меѓу другото беше и размена на знаење применето во производство на „тероар“ вино стекнавте сознанија и за лозарството во Македонија. Како ги оценувате условите за производство на тероар вино во Македонија?

Да бидам искрен, го открив македонското вино со луѓето од „Тиквеш“. Јас сум навистина импресиониран од квалитетот на виното во такви климатски услови, што значи дека очигледно имате некаков тероар ефект. Очигледно, тие ја засадиле вистинската сорта на вистинското место. Тоа е важно. Очигледно прават добра работа во винарницата. Јас сум навистина импресиониран од финесите и комплексноста на македонските вина, но тоа зависи од категоријата. Нема да зборуваме за наливно вино, тоа е друга приказна. Но, ако се фокусираме на премиум, супер премиум и дури и Икон (колекционерско вино, заб.) вино, тие се многу важни. Тука имаат локални сорти како Вранец, Кратошија… Тие локални сорти се многу важни, затоа што се адаптирани на климата и даваат вина кои се уникатни. Вранец е нешто што е специфично за Северна Македонија, можеби и за балканските земји, но нема Вранец во Франција. Овие локални сорти даваат специфични вина кои се уникатни во однос на ароматските профили на виното и типичноста. Сакам да кажам дека „малото е убаво“ на некој начин, искрено сум импресиониран од она што веќе го пробав.

 

Кои услови се потребни за производство на висококвалитетно конкурентно тероар вино? Веројатно не е битна само климата?

Секако не. Прво, треба да ја имате вистинската сорта на вистинската почва. Мерењето на климатските услови, геологијата на земјата и изборот на винските сорти се многу важни. Сега веќе не важи „аха дедо ми садеше, па и јас ќе садам“, туку каква а климата, каква е геологијата и врз основа на тоа е потребно адаптирање, односно ќе имаме ваква сорта затоа што имаме ниски температури или високи температури, ќе имаме дождови кога треба да се бере… Сето тоа е поврзано, веќе е влезено во детали.

Накусо, потребно е да ја имате вистинската сорта на вистинското место во однос на почвата и климата. Но, повеќе од тоа, во последниве неколку години со други колеги од Словенија на пример, Тиквеш работи на нешто што е исклучително важно во однос на ароматските профили на виното.

Токму ароматскиот профил на грозјето влијае на цената. Знам дека во Македонија се фиксира цената врз основа на концентрацијата на шеќер, но тоа е, ако можам да бидам искрен, тотална глупост. Понекогаш треба да кажете што е исправно и што е погрешно, а тоа е тотално погрешно. Зошто? Бидејќи нема директна врска меѓу концентрацијата на шеќер и ароматските профили на фенолската зрелост на виното. Тоа е тотално одвоено и тоа го знаеме веќе 15-тина години. Така што, да се каже дека треба да платиме повеќе затоа што има повеќе шеќер, тоа е тотален нонсенс во однос на квалитетот.

 

Значи овој пристап на фиксирање на цената на грозјето е погрешен?

Не сакам да се мешам во македонската политика, но ако резонот е да се каже дека треба да платите повеќе затоа што имате повеќе алкохол и така виното ќе биде поквалитетно, тоа е едноставно погрешно. Бидејќи, може да имате фантастично вино како Розе берено на 9 отсто алкохол. Можете да имате фантастичен Вранец на свежо овошје, на пример 12, и можете да имате друг фантастичен Вранец кој ќе биде покомплексен, кој ќе го берете подоцна. Овошјето созрева според генетската програма која не е поврзана со концентрацијата на шеќер. Така што, можете да имате две различни вина со иста концентрација на шеќер од истиот тероар.

 

Можеби прашањето е несоодветно со оглед на тоа каде сме на мапата на вински земји, но сепак, дали Македонија може да има тероар вина кои можат да се натпреваруваат на светскиот вински пазар?

Сакате да го кажам моето мислење? Би сакал Бордо моментално да може да го произведе истиот квалитет на црвено вино како виното што го прави „Тиквеш“. Бидејќи „Тиквеш“ нуди вина кои навистина се она што пазарот го бара. Тие прават тероар вино со типичност, во исто време кога во Бордо се отстрануваат лозјата. Тоа е мојот одговор.

 

„Тиквеш“ покрена иницијатива за одбележување на Светски ден на Вранецот како регионален пристап. Што мислите за овој пристап, за идентификувањето на Вранец како регионален бренд?

Тоа е нешто што е интересно затоа што токму така се изградени винските региони во Франција. Во Бургундија, тоа е Шардоне, Пино Ноар, во Шампањ е Шардоне, Пино Ноар, Пино Мение, но има и други. Приказната на тие региони започна со сортите. Значи, за мене е добра идеја да се имаат некои репрезентативни сорти кои ќе го позиционираат винскиот регион или земјата на врвот. Како Шампањ или Бургундија. И потоа можете да ја заборавите сортата, но луѓето ќе го запомнат брендот и ќе го запомнат регионот, винскиот регион. Ќе кажат: ‘О, Барово е фантастично за фантастично вино’. И тогаш ќе научат дека тоа е поради Вранец, на пример. Но тоа е долг процес. Во период од повеќе години ќе може да кажеме ова е Вранец од Барово, ова е Вранец од Лепово, од Велес и тн.

Среќа е што тука има вода. А, гледајќи го квалитетот на виното, тие се апсолутно на вистинското меѓународно ниво за да продолжат, вели Делоар

Дали Вранецот или други сорти на грозје тука имаат потенцијал да го создадат посакуваниот имиџ на регионот во однос на виното?

Да, да, секако, тоа веќе се случува. Но, потоа е прашање на маркетинг и комуникација и тоа е важно. Но, ако ги имате вистинските состојки, маркетингот и комуникацијата треба да си ја завршат својата работа.

 

Имајќи го во предвид сето до сега кажано, дали верувате дека има иднина за винската индустрија во Македонија? Не само со оглед на политиките во однос на цените, туку и климатските промени особено, напорите што ги вложуваат компаниите…?

Дали мислите дека има иднина за некои вински региони во Франција? На пример, некои региони во Франција стануваат полупустински региони. Тие немаат вода. И прашањето е моментално, можеби за 10-15 години еден од овие региони ќе исчезне во Франција.

Така што, можеме да го адресираме ова прашање за многу региони од Југот. Треба да бидам внимателен со бројките, но научниците велат дека во следните 30 години можеби во Југот на Европа или во пустинските области, многу лозја ќе исчезнат затоа што нема вода. Среќа е што тука (во Тиквешко) има вода. Така што, гледајќи го тероарот, гледајќи ја климата, дури и ако е тешко, мора да се грижиме да има вода. А, гледајќи го квалитетот на виното, тие се апсолутно на вистинското меѓународно ниво за да продолжат. Значи, одговорот е дефинитивно да. Сега, колку долго, кој знае, но тоа се однесува на сите вински региони.

 

Какви е француските искуства во однос на регулирањето на пазарот?

Денес, пазарот се соочува со многу предизвици и промени и со голема конкуренција. Сè е многу сложено. Но, во регулиран пазар можете да најдете начин. Оваа година, Французите имаат проблем со шампањ и веднаш одлучија – ќе го стегнеме приносот затоа што ги зголемивме залихите. Не продаваме доволно – мора да го намалиме откупот и производството. Ова е регулирано помеѓу производителите на грозје и производителите на вино. И ова е проблем – како да се регулира, како да се биде заедно? Бидејќи и едните и другите имаат ист фокус. Фокусот е како да се продаде. Како да се продаде произведеното грозје преку вино на пазарот.

Земете на пример една голема структура која обединува, што ја нарекуваме задруга, каде што има на пример, 100 лозари. Тие го носат грозјето во задругата, а задругата ја врши работата произведувајќи различни производи од грозјето на лозарите. И тоа е нешто што функционира добро. Одлуките се донесуваат колегијално, што значи дека секој има еден глас и тоа може да биде проблем затоа што понекогаш не можат да донесат одлука. Така што, понекогаш е тешко, но сепак функционира. Во Франција исто така има и многу таканаречени „винжоро-а“. Тоа се поединеци кои имаат, да речеме 5, 10, 20 хектари и прави сè, од одгледување грозје, производство на вино, продажба… Тоа е екстремно тешко, затоа што треба да правите сè. Потоа, на пример во Шампањ или во Коњак има организации што ги нарекуваме негоцијанти. Негоцијант е некој кој главно прави вина и може да има малку лозја, но главно купува грозје од лозари. Кога нема доволно грозје, постои конкуренција меѓу негоцијантите, така што цената на килограмот се зголемува. Кога има премногу род, цената паѓа. Сега, на пример, во Коњак има огромни проблеми поради Кина и други фактори. Имаат 12 години залихи. Замислете го трошокот. Но, тие сакаат да ги заштитат лозарите затоа што им се потребни. Моментално не го продаваат коњакот, но тие велат треба да продолжиме да купуваме грозје од лозарите, бидејќи сакаме да ги задржиме. Тоа е некаков договор. Ако продаваат, среќни се што имаат лозари. Ако не продаваат, ги задржуваат лозарите затоа што кога продаваат добро, им требаат овие лозари. Ако ги изгубите лозарите, тие ќе одат кај други негоцијанти затоа што постои конкуренција меѓу негоцијантите.