Клековски: Епидемијата во Гостивар се смирува, до крајот на неделата се очекува водата да биде безбедна за пиење
Последните податоци на новозаболени укажуваат на смирување на епидемијата во Гостивар, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи дека во изминатите 24 часа се регистрирани 71 нов прв контакт.
Според него, оваа бројка е на ниво на вообичаената фрекфенцијата што била забележана пред почетокот на епидемијата, односно пред 25 јуни.
„Сметаме дека настанува смирување на епидемијата. Формален крај на епидемијата ќе може да се прогласи кога врз основа на епидемиолошките анкети ќе се утврди дека веќе нема случаи поврзани со градскиот водовод во Гостивар“, кажа тој, додавајќи дека последната бројка на нови болни може да е резултат на сосема други причини.
Оцени дека намалувањето на бројот на заболени е резултат на подобрување на водата во градскиот водовод.
„Калитетот на водата е значително е подобрен и таа се хлорира соодветно. Очекуваме бројките дополнително да се намалуваат“, вели министерот.
Посочи дека штом нивото на резиндуален хлор ќе биде постигнато во сите крајни мерни точки, Управувачкиот комитет ќе констатира дека водата е соодветна за пиење и за подготовка на храна.
Клековски додаде дека очекува до крајот на неделата водата во Гостивар да биде безбедна за пиење.
„Верувам дека до крајот на неделата водата ќе може да биде безбедна за пиење. Нивото на хлорот е подобрено. Преземени се мерки за обезбедување на каптажата, подобрена е контролата на системот“, додаде тој.
На новинарско прашање во врска со реакциите на жителите на Гостивар дека е зголемена цената на партиципацијата за одредени лабораториски анализи, но и дека мораат да купуваат лекови против повраќање и дијареа на приватно, Клековски рече дека ќе ја провери цената на анализите, а дека симптоматската терапија не е на позитивната листа на лекови.
„Што се однесува до симптоматската терапија, како пробиотици и слично, не гледам причина таа да биде на позитивната листа“, кажа министерот.
Клековски вчера упати апел до матичните лекари и здравствените институции – фокусот да го стават на постакутната фаза, односно да се следи евентуална појава на хепатит А и Е, меѓутоа и на други заразни болести кои може да се јават на „опашката“ на гостиварската епидемија.
„Во врска со тој засилен здравствен надзор ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, до здравствените установи, до матичните лекари, а ќе бидат дадени насоки за комуникација со населението. Клучно е да има рано препознавање за да можеме да реагираме соодветно, а здравствените установи се веќе подготвени во смисла на капацитет на тестирање на третман“, рече тој.
Пред два дена министерот Панче Тошковски кој го предводи Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи рече дека водата во Гостивар е прочистена од фекалии и конечно може да се користи како техничка.