Ќучук: Се друго освен почеток на преговори со Северна Македонија ќе биде пораз на европските политики на Балканот

Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија Илхан Ќучук изјави дека треба да се искористи Договорот за добрососедство како шанса да се најде начин нашата земја да ги почне преговорите со ЕУ бидејќи поддршката од германското претседателство нема да се повтори од следниот претседавач Португалија и тоа може да доведе до застој на Македонија со големи последици.

Ќучук за емисијата Еврофокус на телевизија Телма изјави дека начин има, само треба волја потенцирајќи дека се друго освен почеток на преговори ќе биде пораз на европските политики на Балканот.

-Договорот од 2017 година го гледам како процес. Многу пати Договорот од Преспа се споредува со договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија од 2017 година. Тие се многу различни. Решаваат многу различен вид проблеми. Додека Договорот со Грција става крај, става точка на еден процес кој бил во минатото. И тој во голем степен ги решава билатералните прашања, вели Ќучук.

Според известувачот за Северна Македонија, Договорот со Бугарија од 2017 година, пак, претставува почеток на нешто, а тоа е дека имаме заедничка историја и тоа е клучниот збор овде.

-Заедничка! Врз основа на заедничката историја можеме да изградиме и заедничка иднина во рамките на ЕУ. И поради тоа Договорот со Бугарија бара многу поголем степен на трпение, бара иполнување на одредени очекувања, но тоа треба се случи со тек на време, тој не е едностран акт. Не е нешто што можете да го пресечете и да го продолжите, истакна бугарскиот европратеник, кој смета дека треба да се направи напор и до декември да се најде решение.