Ќучук: Нема лесен разговор за историјата


Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук,  изјави денес од Скопје дека никој нема интерес да се запре евроинтеграцијата на Македонија, но дека постигнувањето на високите цели бара консензус во ЕУ. Според него, билатералните прашања треба да се решаваат во билатерален формат, а историјата треба да биде оставена на историчарите, но важен дел од секоја преговарачка рамка се добрососедските односи и затоа е потребно е да се врати меѓусебната доверба, со цел да изградат здрави добрососедски односи  меѓу Бугарија и Македонија за идните генерации.

-Во државните спорови нема добитници. Нема лесен разговор за историјата и никогаш немало, но тој бара и поглед кон иднината и стратегиските цели. Стратегиска цел на Република Северна Македонија е таа да биде во ЕУ, а тоа е  интерес и на Бугарија. Затоа потребен разговор и навраќање на Договорот од 2017 година бидејќи дијалогот меѓу двете земји е нарушен. Се надевам дека на средбите овде ќе биде потврдена силната проевропска ориентација, бидејќи ова може да биде силна година за Република Северна Македонија  во Европската унија, рече тој додавајќи дека целта му е во извештајот за прогрсот на Македонија во ЕП да стои ставот дека е неопходно да  биде отворена преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција. 

На барањето да прецизира дали според него историјата треба да биде дел од преговарачката рамка со ЕУ тој посочи дека историските прашања треба да се решаваат од компетентни историчари, но политичарите се одговорни да носат политички одлуки, а не да ги кријат под килим, и да речат виновни се историчарите. Според него, заедничката комисија треба да ја продолжи работата и  мора да се врати меѓусебната доверба, бидејќи, посочи, без тоа не можат да се постигнат добри резултати.Ќучук посочи дека нивната улога како политичари е да не прават ѕидови, туку да ги уриваат, а граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија да живеат во попросперитетен свет.

Тој истакна дека во тешки моменти Северна Македонија подавала рака на ЕУ и обратно – Унијата подавала рака на Северна Македонија, бидејќи, како што оцени, интерес на ЕУ е да биде глобален политички играч ,а тоа е можно само со интегрирање на Западниот Балкан во Европската Унија.

Резолуцијата на ЕП, додаде тој, нема обврзувачки карактер, но е најшироката форум и го преставува силниот глас на европските граѓани.

Околу  конференцијата на која ќе се расправа  за иднината на ЕУ тој порача дека треба да има место и за земјите од Западен Балкан и дека тоа ќе биде дел од извештајот за напредокот на Македонија што е пред гласање во ЕП.

 Министерот за надворешни работи Бујар Османи оцени дека посетата е важна за нас бидејќи претстои гласање за резолуцијата за Македонија во ЕП.

-Не очекувам ништо повеќе од она што е реално и видливо. Македонија испорача на сите полиња и заслужува вреднување на напредокот, му порача министерот на европарламентарецот.

Тој нагласи дека со гостинот го отвориле и прашањето за нашите односи со Бугарија при што порача дека, и покрај разочарувањето во нашата земја, со несмалено темпо продолжува политичкиот дијалог и очекува дека со посветна работа ќе ја вратиме довербата, рече Османи.