Ќерката на Грабар-Китаровиќ се запиша на Харвард


Катерина Китаровиќ, ќерката на хрватската претседателка Колинда Грабар -Китаровиќ, од есенва ќе студира на престижниот американски универзитет Харвард, дознава „Јутарњи лист“.
Катерина, која учи гимназија во Загреб и е четврта година, примена е на четири најпрестижни универзитети, меѓу кои и Стенфорд и Колумбија, но избрала да студира на Харвард  каде ќе има стипендија повисока од годишната плата на нејзината мајка, која е претседателка на Хрватска.
Ќерката на претседателката, освен што е врвна спортистка (државен првак во уметничко лизгање), е меѓу еден отсто од најдобрите во светот кои го решиле тестот САТ, испит за способности кој се користи како приемен испит за преддипломски студии во САД.
Оние кои ја познаваат Катерина, велат дека сака да се осамостои и да се отсели од родителите.
„Таа не сака да биде јавна личност, не сака за неа да се пишува како за ќерка на претседателка, а сака конечно и да побегне од полициското обезбедување“, велат тие кои ја познаваат.
Катерина Китаровиќ е врвна ученичка и спортистка, а посетува и посебни менторски програми по математика и спасување. Им помагаше на своите врсници кои имаа проблеми со суицидни мисли за што и напиша книга.