Ќерката на белгискиот крал се бори за правото да биде викана принцеза

Делфин Боел го напушта судот во Брисел со нејзиниот адвокат

Делфин Боел, чија мајка имаше афера со поранешниот крал Алберт Втори, исто така сака да го земе презимето на татка си

 

Жена која успешно водеше седумгодишна правна битка за да докаже дека е ќерка на поранешниот крал на Белгија, Алберт Втори, следниот месец ќе дознае дали, спротивно на желбите на нејзиниот татко, ќе може да ги користи титулите Нејзино кралско височество и принцеза на Белгија.

Делфин Боел (52), уметник и вајар, чија мајка имала вонбрачна афера со Алберт во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, во апелацискиот суд во Брисел тврдеше дека треба да може да го користи и презимето на нејзиниот биолошки татко Сакс-Кобург. Судот ќе ја донесе својата пресуда на 29 октомври.

Кралот Алберт, 86, кој абдицираше од белгискиот престол во 2013 година, беше принуден да признае дека е биолошки татко на Боел по судски наложен ДНК-тест минатиот јануари.

Боел, која како дете поминала време со Алберт, нарекувајќи го Papillon  (пеперутка), побара признание пред повеќе од 20 години, но нејзините барања биле одбиени. Таа започна правна битка за докажување на татковството во јуни 2013 година, откако постарото од нејзините две деца, Жозефин, беше примено во болница со пневмонија и го почувствува отсуството на нејзиниот биолошки татко.

Барањето на Боел доби витален поттик минатата есен кога апелацискиот суд донесе одлука дека Жак Боел, со кого порасна, не е нејзин биолошки татко и му наложи на експерт да изврши тест за да ја спореди нејзината ДНК со онаа на Алберт.

Кралот се согласи да обезбеди примерок од плунка – што го докажа неговото татковство – откако судовите се заканија дека ќе го казнат со 5.000 евра за секој ден во кој тој одбива.

На денот кога Алберт се повлече од тронот пред седум години, наведувајќи го лошото здравје, мајката на Боел, баронесата Сибиле де Селис Лонгшамп, даде ТВ-интервју каде за прв пат јавно зборуваше за нејзината афера со кралот.

„Мислев дека не можам да имам деца затоа што имав инфекција“, рече таа за врската, за која се вели дека траела од 1966 до 1984 година. „Ние не преземавме никакви мерки на претпазливост“.

Таа продолжи: „Тоа беше убав период. Делфин беше сакано дете. Алберт не беше татковска фигура, но беше многу сладок со неа“. (Гардијан)