Ќелијата на ИСИС која нападна во Москва се обиде да нападне и во Франција, објави Макрон

Ќелијата на ИСИС наречена „Вилајат Хорасан“, која ја презеде одговорноста за нападот врз концертната сала „Крокус“ кај Москва, претходно направила „неколку обиди“ да изврши терористички напади во Франција, рече претседателот Емануел Макрон.
„Во текот на изминатите месеци, токму оваа група направи неколку обиди на нашата територија“, го цитира Макрон телевизијата БФМ. Францускиот претседател не соопшти детали кога и како биле направени овие обиди и колку имало.
Макрон, исто така, рече дека ѝ понудил на Русија „проширена соработка“ во борбата против тероризмот, „земајќи ги предвид информациите“ со кои располагаат француските разузнавачки служби. Запрашан дали ќе разговара директно со рускиот претседател, Макрон рече дека контактите прво ќе се одржат на „техничко и министерско“ ниво.
Ден претходно премиерот Габриел Атал објави дека по терористичкиот напад во „Крокус“, нивото на терористичка закана во Франција се зголемило до максимум.
Експертите за борба против тероризмот изразија загриженост дека нападот во Москва ќе ја поттикне ИСИС да ги удвои напорите за напад во Европа – особено Франција, Белгија, Британија и други земји кои беа нападнати во изминатата деценија.
Поранешниот висок функционер за борба против тероризмот на ОН, Едмунд Фитон-Браун, зборуваше за „Њујорк тајмс“ во врска со терористичкиот напад во Москва и изрази загриженост за безбедноста на Олимписките игри, кои ќе се одржат во јули и август во Париз. „Тие ќе бидат главни цели за терористите“, сугерира Фитон-Браун.