Ќе заврши неделата, а пратениците уште расправаат за „Викенд без ДДВ“


Собранието попладнево во рамки на продолжението на 15-та седница расправаше за Предлог-измените на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, со кој треба да се реализира мерката „Викенд без ДДВ“.

Пратениците од СДСМ посочија дека се работи за проект од интерес на граѓаните и повикаа сите пратеници да го поддржат. Проектот „Викенд без ДДВ“, според владејачкото мнозинство, ќе значи пари назад на сметките на граѓаните, поддршка на приватната потрошувачка и зајакнување на домашниот буџет.

Опозицијата пак оцени дека законот е напишан набрзина и оти има задоцнетост во неговата примена. Сметаат дека граѓаните нема да имаат никаква корист и оти проектот е наменет само за граѓаните кои имаат „паметни телефони“ и се корисници на апликацијата „Мој ДДВ“.

Од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат оваа мерка да биде спроведена во четири викенди, еден во месеците ноември и декември 2020 година и по еден викенд во јануари и февруари 2021 година. Така, како што велат, ќе се заштити здравјето на граѓаните и ќе нема турканици во продавниците, а истовремено ќе се зајакнува економијата и ќе се помага на производителите на македонски производи.

Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ во реплика рече дека има интерес за оваа мерка кај граѓаните и оти ќе има спроведување на здравствените протоколи. Според неа, секој граѓанин треба да биде одговорен и да се заштити од коронавирус.

Со „Викенд без ДДВ“ граѓаните ќе го добијат назад целиот ДДВ за производите што ќе ги купуваат во претстојниот продолжен викенд меѓу 10 и 12 октомври. „Викенд без ДДВ“ е дел од четвртиот сет на владини антикризни мерки. Проценките се дека околу 350 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе можат да купуваат домашни производи и услуги, компјутери и друга ИКТ опрема во вредност од најмногу 30 илјади денари, а во рок од неколку дена на нивните трансакциски сметки ќе им биде исплатен назад целиот ДДВ.

Преку оваа мерка, според проценките, ќе се оствари промет од 170 милиони евра кои ќе бидат инјекција во стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра преку повратот на ДДВ.

Во Предлог-законот се наведува дека фискалните сметки кои ќе бидат цел на целосен поврат на данокот на додадена вредност ќе може да се скенираат преку апликативниот софтвер на Управата за јавни приходи најдоцна три дена од рокот на издавање. Враќањето на целосниот износ на данок опишан во овој Предлог-закон ќе се врши најдоцна 15 дена од денот на издавање на фискалната сметка.

Расправата по овој закон продолжува утре во 12 часот.