Ќе влегуваме во НАТО без воен претставник во Брисел


Иако поминаа пет месеци откако Ѓорге Иванов му ја предаде претседателската функција на Стево Пендаровски, со што заврши и „ерата“ на кохабитација за актуелната влада, нашата држава и натаму е без воен претставник во седиштето на НАТО во Брисел, каде што впрочем нема ни амбасадор.

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов се обиде да го испрати во Брисел бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, кого го именуваше на функција во самото предвечерие на претседателските избори и без согласност со Министерството за одбрана. Освен тоа, указот што го објави во „Службен весник“ беше со старото име на државата, односно спротивно на уставните измени што беа донесени кон крајот на минатата година.

Сите укази за унапредувања и именувања во Армијата и во Генералштабот, кои Иванов ги објави на 25 февруари годинава, паднаа во вода со заклучокот на Антикорупциската комисија дека тогашниот претседател во заминување постапил спротивно на Изборниот законик и на Законот за спречување корупција и судир на интереси. Врз основа на тој заклучок на ДКСК, Пендаровски летоска, практично, ги поништи указите на Иванов, со тоа што потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата. Новиот претседател, всушност, потврди дел од именувањата на Иванов, како на пример тоа за испраќање на полковник Маријо Јуришиќ за одбранбено аташе на Северна Македонија во Париз – како кадровско решение што беше усогласено меѓу МО и експретседателот, само што указот за тоа беше објавен во „несоодветен термин“.

Што се однесува, пак, до местото воен претставник во НАТО во Брисел, Пендаровски потпиша указ со кој го отповика Ѓоргоски од функцијата на која го именуваше Иванов. Извори од кабинетот на Пендаровски тогаш објаснија дека на оваа позиција има вршител на должност, каков што е и случајот со дипломатското претставништво на Северна Македонија во Алијансата во Брисел.

Од претседателскиот кабинет вчера нè информираа дека сè уште не е назначен воен претставник во НАТО, место што е празно откако оттаму се врати генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кога Иванов, летото 2018 година, го именуваше за началник на Генералштабот на армијата – функција што сè уште ја извршува. Од Министерството за одбрана, пак, не добивме вчера информација до каде се консултациите за испраќање воен претставник во НАТО, додека се одбројува до официјалниот влез на земјава во Алијансата.

Управниот суд деновиве донесе пресуда во корист на Иванов околу неговата тужба против Антикорупциската комисија за прекршочната постапка што беше поведена за предизборните именувања и унапредувања во Армијата. Од кабинетот на Пендаровски, пак, велат дека оваа пресуда не ги проблематизира одлуките за именувања и прераспределувања што ги потпиша новиот претседател, врз основа на заклучокот на Антикорупциската комисија. Од претседателскиот кабинет посочуваат дека станува збор за нови укази што се објавени во „Службен весник“, согласно со потребите на Армијата и на врховниот командант.

Од Антикорупциската комисија, пак, најавуваат дека ќе поднесат жалба на одлуката на Управниот суд. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, ни изјави дека ќе поднесе жалба до Вишиот управен суд на пресудата на понискиот суд.

– Управниот суд ја разгледуваше тужбата на Иванов и ја уважи, а нам ни достави судска одлука за која имаме правен лек – да доставиме жалба, така што ние ќе си го искористиме тоа право и ќе ја аргументираме жалбата, од аспект на важечките прописи во нашиот закон – вели Ивановска.

Таа оценува дека во оваа судска одлука е постапено од аспект на формата.

– Дали сме требале или не сме требале да го повикаме претседателот како странка во нашата постапка, повеќе е од аспект на процедурално постапување од наша страна, за што ние си имаме наш став и сметаме дека сме постапиле во ред. Меѓутоа, сето тоа ќе го аргументираме и ќе го напишеме во нашата жалба – вели Ивановска.

Постапката против Иванов ДКСК ја покрена по сопствена иницијатива, односно по допрен глас во јавноста. Во образложението на пресудата на Управниот суд, пак, меѓу другото, се наведува дека на Иванов му било оневозможено да ги изложи своите аргументи како одбрана пред Антикорупциската комисија, а исто така не му било доставено и нејзиното решение, туку било само објавено на веб-страницата на ДКСК.

Минатата седмица, уште една иницијатива на ДКСК не го помина тестот во другите институции. Од Владата соопштија дека не можат да постапат по барањето на Антикорупциската комисија, Службата за општи и заеднички работи да ги поништи договорите за закуп на канцелариите за поранешните претседатели Иванов и Бранко Црвенковски и да им бидат доделени нови простории во државна сопственост. Образложението на Владата е дека постапуваат согласно законот за правата на шефот на државата по завршувањето на мандатот. Ивановска вчера ни изјави дека ова образложение не држи вода затоа што во овој Закон е предвидено дека на поранешен претседател му следуваат службени канцеларии, ама никаде не стои дека тие мора да бидат под кирија и дека мора да се оди на најскапата варијанта.

– Затоа ние сега ќе поднесеме иницијатива до Собранието за законски измени со кои би се ограничиле привилегиите на претседателот по завршувањето на мандатот. Исто така, ќе поднесеме и иницијатива до Уставен суд за преиспитување на уставноста на сегашното законско решение – ни изјави Ивановска.

На прашање дали на ДКСК ѝ се врзуваат рацете, со оглед на тоа што други институции дерогираат дел од нејзините препораки, Ивановска вели дека обврска на Антикорупциската комисија е да укаже да не се прекршуваат законите и да се рационализираат трошоците на буџетски средства.

Управниот суд деновиве донел уште една одлука контра Антикорупциската комисија. Според информациите, Управниот суд одлучил времено да ја запре одлуката на ДКСК со која во август се бараше да биде разрешена директорката на Клиниката за стоматологија и да се поништат нејзини одлуки за нови вработувања. Тогаш ДКСК ја покрена постапката против директорката на стоматологија затоа што во февруари вработила осуммина на Клиниката со дискрециски овластувања наместо со објективни критериуми. (А.М.М.)