Битола: Ќе топлат ли инвертер-климите на минус 40 степени?


Мерните станици сè уште не покажале високо загадување на воздухот поради топлото време, па сепак, каков воздух ќе дишат битолчани оваа зима беше тема за политичко препукување откако група граѓани  ја пречекаа владата во понеделникот со транспаренти за  загадениот воздух. Битолчани  се пошегуваа дека овој дочек и не бил многу скап, затоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги позајмила  транспарентите од СДСМ, која ги носеше на секојдневните протести против аерозагадувањето во Битола додека беше во опозиција. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија  дека голем дел од загадувањето се должи на  греењето со фосилни горива на институциите, како и затоплувањето со дрва во домаќинствата, но дека локалната власт во изминатите две години ништо не презела.Од актуелната локална власт во Битола  пак побараа ВМРО-ДПМНЕ да се самоцензурира и  да не зборува за воздухот затоа што 12 години ништо не презела, а кога опозицијата во тоа време барала одговори, власта со потсмев им велела – да дуваат во маглата за да се исчисти воздухот.

На последната седница на Советот  на Општина Битола сепак на дневен ред се најдоа   краткорочните мерки што локалната власт ќе ги презема за почиста животна средина. Советниците од опозицијата критикуваа дека мерките се носат непосредно  пред грејната сезона, популистички и дека нема многу да придонесат за подобрување на амбиенталниот воздух.

-Само слушаме дека гасификацијата е до Тополчани, Карамани, а секундарна гасоводна мрежа нема. Во овие две години имаме трипати поголемно загадување од претходно. Сами на себе да си признете дека државата е најголемиот загадувач зашто во Битола само за загревање на објектите што ги користат институциите, кои се под капа на локалната и централната власт, се трошат над 2,5 милиони евра за фосилни горива и огревно дрво. И на крај со расипнички, популистички мерки со инвертер-клими ќе го решаваме загадувањето. Не дека не треба, меѓутоа тоа е далеку од суштинско решавање на проблемот. Да објасните како клима-инвертер на минус 40 степени во Битола со огромна влага во воздухот и магла ќе ги постигне перформансите пропишани со тестирање на плус 7 степени Целзиусови, рече Иванчо Тошевски, координатор на советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците од „Поинаку“ бараа да се формира екопатрола која ќе биде во рамки на некое јавно претпријатие или засебно, што не беше изгласано. Воедно прашаа колку во Битола ќе се намали загадувањето со 2.500 набавени инвертер-клими.

-За гасификацијата ни одбројувате редовно – уште десет, осум, шест километри до Битола и еве ја, стигна. Ние како општина немаме секундарна мрежа за гасификацијата ниту имаме некаков план како ќе ја спроведеме . Ако мислите дека тоа е еден од начините да се реши аерозагадувањето во Битола, досега требаше да работиме на промена на системите за греење во јавните институции, големите капацитети на гас. Во почетокот да биде по типот на резервоари покрај сите институции до стигнувањето на секундарната мрежа. Но, оваа година Општина Битола за основните училишта, градинките и јавните институции набави мазут од 41 милион денари и дрва за загревање на училиштата во вредност од два милиони денари“, рече Иван Чулакоски од „Поинаку“.

Претседателот на Советот, Валентин Груевски, рече дека она што е преземено во изминатите две години од оваа локална власт е сто, двесте, петстотини пати повеќе од она што беше преземено од претходната власт во претходните 12 години.

-Место пари за врби, мостови и споменици, оваа Влада и ЕСМ обезбедуваат 2,5  милиони евра за набавка на клима-инвертери во општина Битола. Кажете кога претходната Влада одвоила два и пол милиони евра и за што за Битола? Во прашање се 2.500 клими  и 2,5 милиони евра, како сакате сметајте ги, потценувајте ги, омаловажувајте ги, тоа е инвестиција што ќе ја уживаат граѓаните на Битола. Потценувате за гасоводот, јас ви кажувам дека ќе има секундарна мрежа, оти едно време никој не веруваше дека ќе има и гас, па ете стигна до Битола, рече Груевски.

Во мерките спаѓаат акции за засадување на брзорастечки дрвја, кастрење на дрвјата низ главните улици во градот за подобро струење на воздухот, редовно и темелно миење и чистење на улиците и надвор од предвидената програма, продолжување на чистењето диви депонии задолжително еднаш месечно во координација со ЈП „Комуналец“, спроведување прекршочни мерки врз субјектите кои создаваат диви депонии, задолжително засадување и одржување на постојните зелени површини, чистење на коритото на реката Драгор, итно ставање во функција на екоцентарот со активности од веќе донесената програма, зголемување и зајакнување на човечките капацитети во Општина Битола за заштита на животната средина, соработка со научни институции за изработка на стратегија за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во периодот 2020-2025 година и изработка на годишен извештај за загадениот воздух.

Инаку, Битола е  еден од најзагадените градови во државата, а покрај енормното загадување од домаќинствата и сообраќајот, на само 15 километри е  најголемиот производител на струја, но и најголемиот индустриски загадувач, РЕК Битола. Од таму велат  дека работат на низа еколошки проекти за намалување на притисокот на амбиенталниот воздух. Површините на непокриена пепел  која се добива при согорувањето на јагленот за производство на електрична енергија,  од 50 илјади, сега се намалени на 5.000 квадратни метри, а на одлагалиштето при крај е изградба на бедем  од земја со кој треба  да се спречи разнесувањето на пепелта од ветрот. Исто така, во тек е и тендер за замена на филтрите, исклучително значаен процес за намалување на загадувањето од ситната прашина.

Емилија Мисирлиевски