Ќе составува ли Заев втор кабинет на „Илинденска“?

Метлата што симболично ја најави премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на 22 април, ден по првиот круг од претседателските избори, по речиси два месеци се покажа поефикасна на „Бихаќска“ отколку на „Илинденска“. Во партијата во полн ек е назначување на нови и старо-нови претседатели на општинските организации, а на седницата на Централниот одбор што се најавува за в недела се очекува да почне и пополнувањето на испразнетите партиски функции.

Од друга страна, „проветрувањето“ во извршната власт, што прерасна во главна внатреполитичка тема по завршувањето на изборите, беше „замрзнато“ во последниот период, во очекување на враќањето на Заев од Берлин, каде што вчера имаше средба со канцеларката Ангела Меркел. По пораките на охрабрување што премиерот и делегацијата ги добија во Германија и најавата на Меркел дека Бундестагот во септември ќе донесе одлука за одобрување старт на преговорите за нашата земја, проценките во владејачки кругови се дека брзи предвремени избори веќе не се сериозна опција. Наместо тоа, сега се чини поизвесно сценариото за враќање на мандатот на Заев кај претседателот Стево Пендаровски. На таков начин, актуелниот премиер би влегол во нови преговори за составување коалициска влада, со што, практично, и би се „преброил“ во парламентот, со оглед на неговите претходни укажувања дека ситуациите со датумот, како и со реконструкцијата, ќе претставуваат своевиден тест за одржливоста на сегашното собраниско мнозинство.

И натаму е отворена и опцијата мандатар да биде друг функционер на СДСМ (се спомнува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски), така што Заев, растоварен од обврските во Владата, би можел да се посвети на раздвижување на партијата, која во изминатите две години беше мошне апатична, за сметка на ангажманот на највисоките функционери во извршната власт. Сепак, по пораките од Меркел и оценката дека годинава сигурно ќе добиеме почеток на преговорите, ова сценарио се чини помалку веројатно. Во тој контекст, евентуално повлекување на Заев од премиерската функција, како што се проценува, би можело да се толкува во јавноста и како сигнал дека е можно и годинава датумот да ѝ „побегне“ на земјава.

Од друга страна, со повторно добивање на мандатот за составување влада, Заев, на елегантен начин, би избегнал промени и разрешувања во сегашниот владин кабинет. Особено ако се имаат предвид информациите од владејачки кругови, дека кадровските промени уште неспроведени предизвикале нервоза и натегања меѓу различните струи и лоби групи во СДСМ, а уште повеќе во ДУИ.

Сепак, можноста за реконструкција на владиниот кабинет и натаму е во оптек. Но како „отежнувачка“ околност за ова сценарио се смета првичната оценка на Заев дека реконструкцијата може да стане беспредметна ако одлуката за датумот не биде во текот на летото, односно овој или следниот месец.

Распишувањето предвремени парламентарни избори во најкус можен рок, пак, се чини, отпаѓа како опција, затоа што на тој начин би се намалиле шансите за добивање датум за преговори во октомври. Овој „есенски“ термин сега се спомнува како „резервна варијанта“, откако стана многу извесно дека на престојаниот Европски самит нема да бидат исполнети првичните очекувања на земјава, што беа поттикнати согласно со заклучоците од состанокот на Европскиот самит пред околу една година.

Се најавува дека деновиве, најверојатно в недела – прво пред членовите на централниот одбор на СДСМ, Заев ќе соопшти какви промени претстојат во однос на функционирањето на власта, со оглед на најновиот развој на ситуацијата во однос на шансите државата да премине во следната фаза од интеграцискиот процес. Во меѓувреме, се спроведуваат одредени кадровски интервенции, главно во третиот ешалон на власта. Во поголем дел станува збор за пополнување на испразнети или на новоотворени функционерски позиции, како што е назначувањето на првиот директор на Агенцијата за безбедност или на новиот раководител на затворот во Шутка. Сепак, и овие промени укажуваат на обидите на раководството на СДСМ да ги заживее теренските и внатрепартиските активности, како да активира поголем дел од старите кадри кои во последните години беа на одредена дистанца.

Лукаревска и Весковски за нови лица во врвот на СДСМ

Душко Весковски од општинската организација на СДСМ во Карпош се спомнува како најсериозен кандидат за нов организациски секретар на партијата, на местото на Миле Зечевиќ. Весковски, според информациите, би ја извршувал функцијата професионално, така што би се повлекол од досегашната директорска позиција во скопското ЈП „Водовод и канализација“.

На директорката на УЈП, Сања Лукаревска, пак, според информациите ќе ѝ биде понудено да го преземе лидерското место во партискиот Форум на жени, наместо Цветанка Ласкова. И за оваа партиска функција, наводно, е планирано да се извршува професионално, иако тоа досега не било практика. Така, Лукаревска би требало да избере дали ќе остане на челното место во УЈП или ќе им се посвети на партиските активности.

За меѓународен секретар се очекува повторно да биде именуван Дане Талески, кој стана неодамна национален координатор за НАТО, на местото на Стево Пендаровски. Се најавува, исто така, дека на потпретседателски места во СДСМ би се вратиле Оливер Спасовски и Мухамед Зекири. Во СДСМ треба да се избере и нов состав на извршниот одбор од редот на членовите на централниот одбор. Сепак, нема информации дали сите испразнети функции ќе бидат пополнети на седницата на ЦО в недела или именувањата ќе одат етапно. Александра М. Митевска