Ќе се затвори аеродромот во Охрид, отворени само пет гранични премини


Во рок од 48 часа ќе биде затворен за летови аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, информира вечерва министерот за здравство Венко Филипче, како превентива од ширење на Ковид-19.

Исто така, ќе бидат затворени сите гранични премини, освен „Табановце“, „Деве Баир“, „Богородица“, „Меџитлија“ и „Ќафасан“.

Министерството за здравство од секој македонски државјанин што доаѓа од високоризичните и средноризичните земји ќе бара да потпише писмена изјава дека ќе биде 14 дена во самоизолација.

Со ова мерката за претпазливост е проширена и на земјите со среден ризик.

Министерот Филипче информираше дека Владата формирала Кризен штаб со кој ќе раководи техничкиот премиер, Оливер Спасовски, а ќе го сочинуваат министерот за здравство, за одбрана, за внатрешни работи, за транспорт и врски, за финансии, за образование и наука, надворешни работи, директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.

Кризниот штаб ќе се состанува на дневна основа претпладне во просториите на Вкадата, веднаш по состанокот на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство.

Б. Богдановска