Ќе се уредува опожарениот дел на кејот на Вардар


 

Општина Карпош започнува со акција за уредување и оградување на опожарениот потег по должина на кејот на Вардар, како и на други, покритични делови во Општината, во рамки на општинските надлежности и земајќи ја предвид сопственоста на земјиштето.
„Инаку и досега, во повеќе наврати, баравме посериозна поддршка и механизација за целосно чистење на овие депонии, а самостојно ја затворивме депонијата кај мостот „Газела“. По утврдената фактичка состојба на терен и контактите со противпожарните служби, очигледно е дека пожарот е  намерно подметнат на 5 – 6 места истовремено“, велат од Општината.
Од таму се заблагодарија до  „Анизор“, „Гранит“, како и до ЈП Улици и патишта и Противпожарната бригада за вчерашната акција за гаснење на пожарот по должина на кејот на Вардар, во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. До доцните вечерни часови, овие субјекти ревносно се бореа со пожарот, со цел да се локализира, и истиот да биде ставен под контрола.
Во текот на следната недела Општината ќе објави јавен повик до јавните претпријатија, како и до општествено одговорни субјекти и градежни компании, да се приклучат кон целосно чистење на депониите на кејот на Вардар.
Во моментот, на кејот на Вардар сѐ уште има мобилни екипи од Општината, противпожарната служба и дел од јавните претпријатија, со цел да ги изгаснат малите пламени кои уште тлеат на оваа површина.