Ќе се стави ли Дебар во карантин?


Дополнителни мерки за заштита од ширење на коронавирусот се препорачуваат во општина Дебар и Центар Жупа, согласно заклучоците на Владата од последнта седница, а по преземените мерки и извештајот што треба да се достави до крајот на денот, Министерството за здравство ќе објави соопштение за можноста од воведување карантин на територијата на општините Дебар и Центар Жупа.

– Во однос на новонастанатата ситуација и локалната трансмисија со ширењето на болеста COVID-19 на територијата на општините Дебар и Центар Жупа, се задолжува Министерството за здравство, во соработка со центрите за јавно здравје, да преземе дополнителни мерки за заштита од ширење на овој вирус, односно да се мобилизираат медицинските екипи со епидемиолог од Охрид и еден инфектолог или доктор (или инфектологот кој е во работен однос во бањите Цапа да се стави во служба и за потребите на центрите за јавно здравје). За овие мерки да се достави извештај до крајот на денешниот ден, со цел Министерството за здравство да објави превентивно соопштение на територијата на општините Дебар и Центар Жупа, за можноста од воведување на карантин, стои во заклучокот од Владата.

По ова, во Дебар, во рамки на договорените мерки од страна на Оперативниот штаб, Јавното комунално претпрјате „Стандрад“ во Дебар врши дезинфекција на јавните површини и кантите за отпад.

-Се врши дезинфекција на сите јавни површини, контејнери, канти и корпи за отпад низ градот. Се изврши дезнфекција и на спортските игралишта и терени, како и на паркот во населбата Венец каде има детски реквизити. Редовно се подига и отпадот. Апелираме до граѓаните да бидат посовесни и отпадот да го фрлаат во определените места за тоа, изјави раководителот на Секторот за комунална хигиена, Омер Цами.

Цами, кој е дел и од Оператвниот штаб, додаде дека од понеделникот е почнато со генерално миење и чистење на заостанатиот отпад по улиците и тротоарите во централното градско подрачје.

-Вообичаено со годишната програма за одржување на јавната хигиена со генерално чистење почнуваме на почетокот на април, но поради создадената ситуација и фактот што временските услови дозволуваат, почнавме порано. Ќе продолжиме со чистење и на регионалниот пат кој води до граничниот премин „Блато“ на македонско-албанската граница, нагласи Цами.

Синоќа беше дезинфицирана населбата „Коњаре“ од каде што се петте лица заразени од коронавирусот, а со дезинфекција ќе се продолжи и во другите населби.

-Оваа активност се реализира благодарение на Територијалната противпожарна единица, Подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување и онаа на Центарот за јавно здравје, кои ги обезбедија потребните средства и заштитната и друга опрема, истакна градочалникот Хекуран Дука.

Сопствениците на 20-на кафулиња во градот самоиницијатвно ја прекинаа работата, а останатите работат до 18 часот, но, како што велат, поради слабата посетеност можно е и тие да стават клуч на објектите.

Инаку, вирусот во Дебар се прошири од двајца сопружници кои на 6 март по враќањето од Италија беа тестирани на вирусот исе покажа дека се заразени. По нив уште тројца со кои биле во контакт беа заразени, а вчера министерот Венко Филипче извести дека тие имаат благо влошување на состојбата.