Политичарите ќе ги уништат и ресурсите на СЈО?


Вкупно 23 истражители, припадници на правосудната полиција од Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција им помагаа на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство да соберат докази и да ги изведат осомничените пред суд. Економските советници заедно со истражителите и со обвинителите анализираа документи со сметководствени книги, годишни сметки, трансакции од домашни и странски банки, ја утврдуваа вредноста на имотот, неговото потекло и текот на парите за нивно купување.

Тие дури и учествуваа во финансиските истражни дејствија, во претресите и во собирањето на докази заедно со истражителите. Во зависност од случаите, на обвинителите им помагаа најмалку по двајца истражители, а имаше и случаи во кои учествуваа дури петмина од нив. Сега, целата работа, не само на обвинителите, туку и на другите вработени во Специјалното јавно обвинителство може да падне во вода, со оглед на тоа дека сите предмети се селат во редовното Јавно обвинителство и сè уште не се знае дали ќе ги водат истите обвинителите и што ќе се случува со истражителите и другите вработените во институцијата.

Во Специјалното јавно обвинителство сè уште нема стигнато писмен допис од републичкото јавно обвинителство, односно никој официјално од нив не побарал да ги предадат нивните предмети, известија обвинителите со допис до јавноста. Но во поголем дел од соопштението обвинителите пишуваат дека по притворањето на нивната шефица Катица Јанева цела институција е „ни на небо на земја“, а мандатот на институцијата е до септември идната година, една година плус од мандатот на Јанева, кој истекува на 15 септември.

„Сакаме уште еднаш да ја изразиме нашата загриженост поради фактот што до овој момент ниту е избран јавен обвинител што ќе ја замени Јанева ниту, пак, е донесено ново законско решение со кое ќе се регулира статусот на ова јавно обвинителство. Потсетуваме дека мандатот на СЈО е до 15 септември 2020 година, до кога продолжува работниот однос на вработените во Обвинителството и тековните обврски на институцијата. Отсуството на регулатива за тоа што ќе се случува со вработените, тековните обврски, архивата и материјалите со кои располага Обвинителството, во ситуација кога нема раководно лице на институцијата, ќе доведе до реални проблеми во остварувањето на правата од работен однос на вработените лица и намирување на обврските на институцијата, а воедно ќе отсуствува и контрола на спроведувањето на безбедносните процедури поврзани со сите материјали со кои располага Обвинителството“, пишува во соопштението на Специјалното јавно обвинителство.

Премиерот Зоран Заев е свесен дека системот што го создаде СЈО не смее да пропадне, но тоа не зависи само од него, туку и од неговиот вчерашен соговорник, Христијан Мицкоски.

„Државата, меѓународната заедница и пријателските земји вложиле во системот. Системот не е само обвинители. Системот се и тие 92 вработени таму – стручни соработници, стручна административна служба, сето тоа е создаден систем. Системот се купените компјутери, архивската граѓа, бироата. Сето тоа е вредност за која што граѓаните дале пари, а помогнале и неколку земји. Верувам дека иднината на целиот систем треба да биде земена предвид. Ќе се изнајдат начини како тоа да се реализира“, изјави Заев.

Според последната изјава на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, кои обвинители ќе постапуваат по предметите на СЈО, ќе се знае откако ќе се преземат предметите и откако евентуално ќе се донесе законот за јавно обвинителство. Според него, Советот на јавни обвинители по 15 септември треба да одлучи за статусот на јавните обвинители и нивното враќање во матичните обвинителства со оглед дека функцијата јавен обвинител во тие обвинителства им мирува.

Доколку се донесе нов закон, не е исклучена можноста и досегашните обвинители да постапуваат по предметите. Сепак, во моментов Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, обвинителството на кое треба да му припаднат најголем дел од случаите на СЈО, има на располагање девет истражители времено упатени на извршување на работни задачи од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Во скопското обвинителство, кое би можело да преземе дел од предметите, пак, нема истражители.

Во правната сапуница што се случи откако Јанева замина во притвор како третоосомничена за случајот „Рекет“, најповолно решение за да продолжат сите случаи на Специјалното јавно обвинителство е донесувањето на законот за јавно обвинителство, кое за власта веќе не е ургентно откако Јанева му ги предаде предметите на Јовески. Овој предлог-закон предвидува целиот тим на СЈО да се префрли во новата институција, Обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција во која ќе се спои најдоброто и од Обвинителството за гонење организиран криминал и од СЈО.

Со предавањето на предметите на редовното обвинителство се отвора правна можност институциите да покажат дека се подготвени да ги расчистат случаите на СЈО бидејќи сега редовното обвинителство ќе може да ги работи и предметите отворени по спорниот рок. Односно, за него не важи начелното правно мислење на Врховниот суд, кој го прогласи СЈО за ненадлежно да отвора истраги по 30 јуни 2017, односно да се „амнестираат“ дел од функционерите на ДУИ, па и осомничените во случајот „Империја“, каде што првоосомничен е бизнисменот Орце Камчев, кој има главна улога во аферата „Рекет“.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, вели дека предметите на СЈО, без оглед во која фаза се наоѓаат, треба да добијат соодветна судско-обвинителска завршница.

„За предметите што се веќе во суд треба да има соодветна пресуда. За другите предмети, кои ќе ги преземе редовното обвинителство, треба да се донесат соодветни обвинителски одлуки. Тоа што предметите ги презема редовното обвинителство го прави депласирано начелното правно мислење на Врховниот суд“, изјави Здравев.

Најавеното преземање на предметите постојано ги одложува судењата на СЈО. Во Кривичниот суд вчера беше одложено судењето за „Транспортер“, а судијката која го води овој предмет, Добрила Кацарска, вели дека оваа одлука го зароби судството.

„Се надевам дека во следните денови целата оваа ситуација ќе се разреши. Со одлуката за преземање на предметите целото судство е заробено и не може да се судат предметите на СЈО. Не можеме да ги водиме судењата бидејќи може да се направи повреда на постапката“, истакна судијката Добрила Кацарска.

Адвокатите на обвинетите, пак, остануваат на ставот дека нема законска основа Специјалното јавно обвинителство да ги предаде предметите на ОЈО од причина што само СЈО беше единствено надлежно да гони дела што произлегуваат од „бомбите“.

„Според Законот за СЈО, тие имаа можност за преземање на предмети од ОЈО и такви предмети беа преземени пред четири години. Која е правната логика по четири години тие предмети пак да му се вратат на ОЈО? Законот за СЈО не ѝ дава можност на Јанева да ги делегира овие предмети на кое било друго обвинителство“, вели адвокатката Сања Алексиќ.

Сепак, никој во СЈО не знае што ќе се случува, а дали работата ќе им пропадне или ќе продолжат да гонат зависи од политичарите.

Фросина Факова-Серафиновиќ