Ќе се штеди или ќе украсуваат градовите за Нова година?

Енергетската криза ги стави пред голема дилема првите луѓе на градовите во Македонија


Скопје пред ланската Нова година (Фото: Б. Грданоски)

 

Новогодишното украсување на градовите е најсилниот адут за поттикнување на празничната магија. Секоја година огромен број туристи ги посетуваат местата кои се накитени со секаков вид новогодишни украси, од кои најголем дел се изработени од светилки. Дали крајот на годината, што е претставен како „најубавиот период“ оваа година во земјава ќе блесне во целосен сјај со оглед на енергетската криза? Од Париз до Лондон веќе светнаа новогодишните светилки, но годинава со ограничување во времетраењето, како и со избор на енергетски ефикасни светилки.

Две зими владееше пандемија со корона вирус и во тој период граѓаните едвај ги одбележаа празниците, потоа започна руската инвазија во Украина, што предизвика енергетска криза, проследена со инфлација.

Веќе е декември, а од Град Скопје сѐ уште немаат информирано какви се плановите за новогодишното украсување. Во одговор за МИА, оттаму наведоа дека во претстојниот период на прес-конференција ќе ја соопштат одлуката и сите детали. Сепак, во главниот град веќе голем дел од угостителските локали се накитени.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков пред неколку дена изјава дека тој македонски туристички град ќе биде накитен и оти ќе се одржи новогодишна прослава без оглед на енергетската криза.

Филип Стојановски од Центарот за климатски промени во однос на тоа како да се заштеди електрична енергија, а сепак градовите да бидат накитени, рече дека општините треба да употребат ЛЕД светилки или лед модули.

„Со оглед дека се наоѓаме во енергетска криза, а потребата од електрична енергија во зимскиот е зголемена заради загревање на објектите, потребата од заштеда на електрична енергија е нешто што е главен императив во овој период на локално и национално ниво. За општините кои ќе се одлучат за поставување на новогодишно украсување, наша препорака е да се одлучат за решение кое ќе биде енергетско најефикасно, како што се ЛЕД светилки и ЛЕД модули. Начинот на кој можат да го постигнат ова е при пропишувањето на јавната набавка како критериум да се воведе енергетската ефикасност, што е во согласност со Законот за енергетска ефикасност и притоа да се избере понудата со највисока енергетска класа“, вели Стојановски.

Психологот Огнен Велевски во однос на тоа како влијае китењето на градот врз расположението на луѓето, рече дека секако влијанието е позитивно, но оти во вакво време народот генерално би бил посреќен доколку средствата, кои би се одвоиле за китење, би се донирале на оние на кои им се најпотребни.

Психологот, осврнувајќи се на ставовите на нашите грѓани во однос на тоа дали треба да се кити или не, рече дека во едно општество секогаш постојат две и повеќе страни со спротивставени мислења.

„Едни сакаат да биде накитен, а други не. Сепак, по тоа што можеме да го видиме на терен сметам дека овие вторите се многу повеќе денес, зошто сме свесни кои се условите што се понудени за живот, па согласно тоа, ставот е оправдан дека треба да се штедат средствата за да можеме да побрзо да се избавиме од оваа ситуација“, потенцираше Велевски.

Која и да биде одлуката на градските власти во однос на китењето, апелите за штедење на електрична енергија треба да ги почитуваме и во нашите домови. Празнична атмосфера со помалку светилки, но со надеж дека следната година новогодишната еуфорија ќе се врати во целосен сјај. (МИА)