Ќе се садат дрвја на местото на исушените, а ќе се кастрат и гранки


Голема акција за уредување на градското зеленило почна денеска при што ќе се засадат нови дрвја на над 100 локации во градот. Во рамките на оваа акција, се отстрануваат старите и исушени дрвја и садници, а на нивно место се засадуваат нови дрвја.
 
Паралелно се отпочнува акција за кастрење во сите делови на Скопје, со што се овозможува непречено движење на пешаците и велосипедистите по патеките, се превенира пад на суви гранки и се обезбедува и поголема прегледност на сообраќајната сигнализација, со што се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
 
– Детектиравме нереализирани решенија дури од 2010 година за кастрење на суви дрвја и гранки по пријави на граѓани и институции, затоа отпочнуваме со голема акција за уредување на градското зеленило со садење нови дрвја, кроење на крошните со што градското зеленило добива уреден лик и отстранување на сувите дрвја и садници – велат од Град Скопје.
 
Согласно со затекнатата состојба, на градските улици и булевари во изминатите 10 години не биле кастрени согласно доставени барања околу 2.000 дрвја, а севкупно во градското зеленило над 5.500, тврдат од Град Скопје.
 
По налог на Град Скопје екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ почнаа и со акција за засадување на нови дрвја секаде каде во изминатите години биле исечени и отстранети, а активностите за кастрење и одржување на градското зеленило продолжуваат интензивно.