Ќе се руши патот зад битолскиот стадион, откриени уште 120 тони гранати 


Никој точно не знае уште колку гранати се наоѓаат кај стадионот „Под Тумбе Кафе“

 

БИТОЛА – Околу 15.000 парчиња гранати со калибар 75 мм од Првата светска војна се откриени деновиве во втората акција на Дирекцијата за заштита и спасување на локацијата кај стадионот „Под Тумбе Кафе“. Според пиротехничарите тоа се 120 тони товар, во којшто има 5 тони тротил. Од локацијата под стадионот ископувањето продолжува и со рушење на патот, а до каде ќе се оди со акцијата засега не може да се каже, ниту пак колку ќе се допре ридот на Тумбе Кафе.

„Пет дена во рамките на вториот дел од акцијата работиме кај стадионот. До вчера извадивме 5.000 парчиња артилериски гранати 75мм и веќе визуелно се гледаат уште 5.000 парчиња, па до петок се надеваме дека ќе ги транспортираме. Но според конфигурацијата утврдивме дека под нив има уште 5.000 парчиња, изјави пиротехничарот Ефтим Митров.

Она што е алармантно е што границите на локацијата каде се најдени гранатите продолжуваат под патот кој минува зад стадионот. Митров вели дека патот ќе се руши за да се извадат гранатите.

„Патот мора да се сруши и да се спуштиме на нивото од околу 3 метри, до нивото на гранатите. Не знаеме ни до каде се границите, ни колку гранати ќе најдеме“, вели Митров.

На локацијата за цело време работат четворица пиротехничари, бидејќи како што вели Митров, повеќе и не смее да бидат ангажирани, па следната недела ќе биде заменет тимот со нови пиротехничари со цел досегашниот тим да се одмори од напорната работа.

„Кадарот е над 60 години, за делот на уништување ќе бараме помош од пиротехничарите од МВР и од АРМ, бидејќи имаме околу 100 тури за транспорт со оглед на количините на гранати што се пронајдени, за што ни требаат повеќе од три месеци. Гранатите ќе се уништуваат на полигонот во Криволак, почнувајќи од декември, бидејќи дневно може да се транспортираат до 1.200 парчиња“, велат пиротехничарите.

До минатата недела на ова локација беа пронајдени 10.000 парчиња гранати. (А.Б.)