Ќе се ревидираат учебниците по историја и географија
Откако ќе завршат разгледувањата на забелешките на учебниците по историја и географија од страна на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија и Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, образовни и археолошки прашања на Северна Македонија и на Грција и ќе се усогласат ставовите, ќе почне ревидирањето на учебниците во земјава, вели министерот за образование и наука Арбер Адеми. Но дали учебниците со изменета содржина ќе бидат подготвени за новата учебна година, со што во нив ќе биде внесено и новото уставно име на државата – Република Северна Македонија, засега точно не може да се потврди. Адеми смета дека во учебниците по историја и географија по кои учат нашите ученици и така има проблеми, при што посочи на дискриминаторската содржина во нив.
„Ние чекаме финален продукт од комисиите. За волја на вистината, имаме проблеми и во учебниците и по предметот историја и по географија, интерно, не во споредба со другите држави, со нашите соседите, во нив не се рефлектира реалноста има стереотипи и предрасуди. Дали има потреба да се ревидираат учебниците, секако дека има, но чекаме конечен продукт од државните комисии што ги имаме и со Бугарија и со Грција да почне ревидирањето“, истакна Адеми.
Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија петтата дводневна средба ќе ја одржи во првата недела од април во Софија, вели за „Независен весник“ академик Драги Ѓоргиев, кој е на чело на македонскиот експертски тим. На средбата ќе разговараат за забелешките во учебниците по предметот историја за петто и шесто одделение, кои се користат во основното образование во Бугарија и за учебниците за шесто и седмо одделение кои се користат во земјава, нешто што беше најавено дека ќе се дискутира на претходната, меѓутоа не стигнаа да отворат дискусија поради исцрпувачките разговори за личностите и настаните за кои постигнаа согласност за заедничко чествување на цар Самуил, свети Климент и Наум Охридски. Согласност е постигната и за заедничко одбележување и на Глигор Прличев и Кирил и Методиј.
„На 10 и 11 април ќе се одржи петтата средба на Заедничката комисија во Софија, која ќе биде посветена на досега разгледуваните учебници, по предметот историја и тоа за петто, шесто и седмо одделение, кои се користат во основното образование за периодот на праисторија, антика и средниот век, целта е да се надминат толкувањата што се проблематични“, вели Ѓоргиев.
Неодамна, пак, Ѓоргиев рече дека двете страни веќе ги имаат разменето забелешките во учебниците по историја, во кои наведено е дека голем дел од учебниците се посветени на политичката и воената историја, а во одредени карти во антиката и дури во праисторијата во учебниците на двете земји се етницизира просторот на кој денес живеат македонскиот и бугарскиот народ.
„Кога станува збор за средниот век, тука има поголем простор за дискусија имајќи го предвид средновековното Самуилово Царство, кое кај нас е претставено како македонско, а во Бугарија е претставено како бугарско“, рече Ѓоргиев.
Бугарските учебници по историја укажуваат на неослободени бугарски територии, мислејќи на Македонија. Такви пораки во учебниците се неприфатливи зашто сакаме да градиме добрососедски односи, рече членот на комисијата од македонска страна, Петар Тодоров. Според него, етницизирање на населението во периоди кога тоа немало такви групни, иредентистички чувства, потоа негативната претстава за муслиманите во бугарските учебници, не е добро историско претставување.
„Ние имаме одговорност да внимаваме како се преставени бидејќи се работи за 30 отсто од населението во Македонија“, рече Тодоров.
На дводневната средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, образовни и археолошки прашања на Северна Македонија и на Грција, која се одржа во Скопје минатиот викенд, се приближени ставовите во однос на концептите на двете страни. Утврдена е и динамиката на наредните средби, во наредниот период да прејдат на изучување на конкретни формулации во учебниците, да бидат адаптирани, на новото време кое го донесе Преспанскиот договор, а врз основа на принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа за овој материјал, рече копретседавачот со македонскиот дел од Комитетот, амбасадорот Виктор Габер. Третата средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет е закажана за 12 и 13 април во Атина. Во учебниците треба да се избегнува анимозитетот во третирање на едната кон другата страна и во двете насоки, за новите генерации да се образуваат во духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка.
„Многу периоди не поврзуваат со грчката страна. Ние сме соседи, сме биле можеби 400-500 години во една државна структура каде што имало мешање од секаков вид – економски, културно, социјално. Словенската маса кога дошла овде се населила на територија на некогашното Источно Римско Царство, според тоа ние сме живееле со тие луѓе. Дали народите се поместувале лево или десно заради историските околности тоа е сосема друга работа, но ние сме живееле сите заедно во разни културни и социјални средини“, посочи Габер.
Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис, пак, најави вклучување на новото име Северна Македонија во грчките учебници. Медиумите објавија дека во писмениот одговор на пратеничко прашање од опозициската Нова демократија, Боларис подвлекол: „Грција како земја членка, меѓу другото и на ООН, на ЕУ, УНЕСКО, Советот на Европа и ОБСЕ, цврсто ги почитува принципите на неупотреба на насилство во односите меѓу државите, принципите на добрососедство, на неповредливост на границите и на избегнување на употреба на вербална омраза во пишувањето на учебниците што се користат во Грција“.
Вероника Мароска-Леова
.