Ќе се присоедини ли Стопанска банка Битола кон Комерцијална банка?


Фото: Б. Грданоски

Во две независни соопштенија објавени на Македонската берза како ценовно чувствителни информации Комерцијална банка и Стопанска банка Битола најавија дека е можно присоединување на битолската банка кон водечката банка во земјава.

Двете соопштенија се инаку идентични и во нив се вели дека станува збор за првични контакти, а не и за било каква одлука.

„Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека ја разгледува можноста за присоединување на Стопанска банка АД Битола кон Комерцијална банка АД Скопје, поради што ќе биде остварен контакт со раководството на Стопанска банка АД Битола за првична размена на информации“, се вели во соопштението на Комерцијална банка.

Во него се додава дека во оваа рана фаза „постапката не претставува намера за присоединување и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер, освен да го изрази првичниот интерес во рамки на претходна постапка да се стекнат информации, врз основа на кои би се дефинирала евентуална намера за присоединување во иднина“.

„Вистинската длабинска анализа ќе биде спроведена после усвојувањето на завршните сметки за 2023 година на двете банки на нивните собранија во 2024 година“, се посочува во соопштението.

Поради тоа, ова Известување не треба да се толкува како официјална намера за присоединување на Стопанска банка АД Битола кон Комерцијална банка АД Скопје, се нагласува од двете банки.

Соопштение со иста содржина до Берзата испрати и Стопанска банка АД Битола.