Ќе се покрене ли прашањето за одговорност на Иванов?


Дебатата што се разви по иницијативата за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за помилување го отвори  прашањето за одговорноста на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за дадените помилувања во 2016 година на педесеттина лица, кои беа опфатени со обвиненија и истраги во предметите што ги почна СЈО.Министерката за правда Рената Дескоска, која побара аветентично толкување на членот 11 од Законот за помилување за да се спречи евентуалната одлука на Уставниот суд со што би се отворила можност да се вратат во сила помилувањата од Иванов, смета дека поранешниот претседател постапил незаконски.Тоа, според неа, е потврдено и со одлуката на Законодавно – правната комисија дека нема потреба од автентично толкување за член што не постои, односно на членот 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година.

„Законодавно-правната комисија го потврди тоа што го тврдевме и во моментот кога ја поднесовме интерпелацијата за Иванов: членот 11 на кој тој ги темелеше помилувањата не постои во правниот систем. Сега е тоа официјален собраниски документ, кој потврди дека помилувањата на Иванов се незаконски и со тоа ништовни! А незаконски акти не можат да имаат правно дејство. Дополнително собранискиот документ покажува дека Иванов постапил незаконски со “обидот да помилува”. Барањето за автентично толкување ја постигна целта!”, напиша Дескоска на својот фејсбук профил.