Ќе се отвораат нови оддели за Ковид 19

Во ГОБ „8 Септември“ сега има хоспитализирани 22 лица (Фото: Б. Грданоски)

Отворање на два нови оддела во болницата ГОБ „8 септември“ за хоспитализација на пациенти со ковид-19, предложиле од Комисијата за заразни болести на утринскиот состанок на Кризниот штаб.

Поради секојдневниот раст на новозаболени, било предложено проширување на капацитетите и на болницата во Козле, како и отворање на нова лабораторија за тестирање на материјали.

-Сметаме дека епидемиолошката состојба е многу алармантна, особено поради се поголемиот број на пациенти за кои е неопходна хоспитализација. Затоа, сметаме дека мора веднаш да се стават во функција уште две одделенија во ГОБ „8 Септември“ за ковид-пациенти, а исто така да се зголеми и капацитетот во Ковид-центарот Козле. Исто така сметаме дека веднаш треба да се стави во функција и лабораторијата за ПЦР-тестови во Козле и да се зголеми бројот на тестирања, велат од Комисијата за заразни болести.

Денес треба да пристигнат и  брзите тестови, околу 4.000 дози, а здравствените власти очекуваат до крајот на неделава, евентуално од почетокот на следната веќе да може да почнат граѓаните да се тестираат во Поликлиниката „Ѓорче Петров“.

Во врска со целокупната ситуација со ковид-19 во земјата, се огласи и министерот за внатрешни работи (МВР), Оливер Спасовски кој нагласи дека сè уште нема препораки од Комисијата за заразни болести што би значеле и поригорозни мерки за спречување на ширењето на вирусот. Меѓутоа, како што вели, не е исклучена таква можност во наредниот период во зависност од дневниот број на позитивни лица.

Од МВР исто така  најавуваат спроведување на поригорозни контроли во наредниот период за почитување на мерките што се на сила.