Ќе се носи закон за лицата без документи

Од идната недела на Единствениот национален електронски регистар на прописи ќе биде поставено предлог-законско решение за надминување на проблемите на лицата кои живеат во земјава, но немаат документи. Со него треба да се обезбедат услови тие да можат да остварат социјални, здравствени и образовни права, но и во управна постапка да им биде решен проблемот со државјанство.

– Конечно сите институции седнаа на маса и дискутираат за законско решение како овие лица да ги добијат основните права. Прашањето за државјанство и конечно решавање на проблемот веројатно во управна постапка трае многу подолго отколку остварувањето на нивните права. Овој закон треба да го реши проблемот за остварување здравствени, социјални и образовни права на овие граѓани кои се евидентирани како лица без документи. Очекуваме наредната недела законот да биде објавен на ЕНЕР и до предлог текстот да имаат пристап граѓани – изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Зад овој закон, додаде Царовска, стојат и меѓународните организации и домашните граѓански организации и институциите. Сите коментари, додаде таа, се добредојдени за да се направи најдобро решение за овие граѓани конечно да можат да ги остварат своите права, но и да им биде решено прашањето со државјанство, затоа што, како што истакна, навистина е жално во 21 век да имаме во државата лица што никаде не се евидентирани.

Таа потсети дека минатата година беше објавен повик на кој што требаше да се јават и евидентираат сите лица кои ги нема во евиденцијата на државата и додаде дека за таа цел има отворен Регистар во Управата за водење на матична евиденција. Повикот е реобјавен. За точна бројка и досега пријавени таа упати на Управата за водење на матични евиденции. Потсети дека невладините организации во изминатите години оперирале со бројка од 4 до 5 илјади вакви лица.