Ќе се намалува бројот на пратениците во Италија


Рим – Италијанските пратеници во вторникот гласаа за намалување на бројот на места во националниот парламент, почнувајќи од следните општи избори. Според реформата – која сè уште ќе треба да биде одобрена на национален референдум пред да стане официјална бидејќи бара измена на уставот на Италија – бројот на места се спушта од 630 на 400 во Долниот дом и од 315 на 200 во сенатот.

Огромно мнозинство од 553 пратеници гласаа „за“, а само 14 гласаа „против“. Владејачката коалиција, која ја сочинуваат антиестаблишкото движење Пет ѕвезди и централнолевичарската Демократска партија (ПД), гласаа за измени заедно со екстремно десничарската Лига, екстремно десничарската Браќа на Италија и Форца Италија на Силвио Берлускони.

Намалувањето на повеќе од една третина од местата беше едно од ветувањата во кампањата на Пет ѕвезди како дел од нивната историска битка за намалување на цената на политиката и намалувањето на привилегиите за пратениците. Според пресметките на економистите, намалувањето би ѝ овозможило на државата да заштеди меѓу 285 и 500 милиони евра за петгодишен парламентарен мандат – за што критичарите велат дека се „ситни“ бројки.

Во 2016 година, владата на ПД предложи поинаква, подлабока реформа за намалување на бројот на пратеници и промена на парламентарниот систем на земјата, но планот беше отфрлен од гласачите на референдумот што доведе до оставка на премиерот Матео Ренци.

Сегашниот размер во Италија е 1,6 пратеници на 100.000 жители. По реформата, тој ќе стане приближно еден пратеник на 100.000 – за кој критичарите велат дека е премногу низок и ќе заврши со концентрирање на премногу моќ во рацете на партиските лидери.

За споредба, Германија има сооднос од 0,9 пратеници на 100.000 жители, односот на Франција е 1,4 пратеници на 100.000 жители и односот Велика Британија е околу 2,1 пратеници на 100.000 жители.

Споредбата не е едноставна: Во Британија, членовите на Домот на лордовите не се избираат, за разлика од италијанските сенатори. Горната комора на Германија, Бундесратот, ја сочинуваат само 69 члена – претставници на сојузните држави – 16-те држави исто така имаат свои регионални парламенти со комбиниран број на места повеќе од 1.800. (Политико)