Ќе се коригираат највисоките цени кај дел од производите, поскапел увозот

Колку што се зголемени процентуално цените при увозот на некои од производите, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната


 

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека од вторник или среда следната недела ќе има корекција кај дел од 11-те производи за кои Владата определи највисоки цени по кои што може да се продаваат. Како што објасни по состанокот со најголемите увозници на овошје и зеленчук, корекцијата е поради тоа што кај дел од производите имало зголемување на увозните цени. 

„Одлуката која што ја донесовме беше направена врз основа на цени кои беа пријавени како влезни во Царинската управа од 15 до 28 март. Од 28 март до вчера навечер кај некои од производите кои што се увезени има декларации со повисоки цени, а за некои се истите од претходно“, рече Бектеши.

Тој појасни дека корекцијата на цените нема да биде голема.

„Тоа значи дека колку што се зголемени процентуално цените при увозот на некои од производите, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои што се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ“, рече Бектеши.

Тој рече дека состанокот со увозниците на овошје и зеленчук бил конструктивен, и на него учествувале и од Стопанската комора на Македонија. 

Генерално, во овој период увозот е од Турција, од Грција, од Албанија и од Србија. 

„Повикувајќи се на новите цени кои што се пријавуваат во Царинската управа од вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени. Но, никако нема да има цени кои што беа пред десетина дена во малопродажба и се движеа од 130-140 и 150 и повеќе денари за килограм. Ниту еден од нив нема да чини повеќе од 100 денари за килограм“, рече Беџети.

Тој додаде дека согласно податоците од домашните производители, нашите производи ќе излезат на крајот на овој месец и почетокот на наредниот месец, што ќе придонесе за намалување на ценит .

Бектеши повтори дека како Министерство за економија и како Влада нема да отстапат и ќе продолжат контролите како е направен увозот во нашата држава за сите увозници на овошје и зеленчук. То, исто така, најави и ревидирање на увозните фактури наназад неколку месеци со цел да се откријат оние кои увозот го правеле со двојни фактури, потенцирајќи дека затајување данок над 10 илјади евра е кривично дело.

„Очекувам од Царинската управа до крај да постапи согласно нивните надлежности“, рече Бектеши.

Тој додаде дека Царинската управа, УЈП, Државниот пазарен инспекторат, Финансиската полииција веќе се на терен и во континуитет ќе ги вршат контролите се со цел да не се направи штета на Буџетот, а со тоа и на граѓаните односно потрошувачите

„Месец април секогаш бил проблематичен во однос на цените на овошјето и зеленчукот затоа што немаме сопствено производство. Но, да толерираме маржи од 100 или 200 и повеќе отсто тоа нема да го дозволиме“, рече Бектеши. (Н.В.)