Ќе се изолираат над 3.000 електрични столбови за да се спасат царскиот орел и египетскиот мршојадец од струјни удари
Царскиот орел и египетскиот мршојадец ќе се заштитат од струјни удари со изолација на инфраструктурата на ЕВН во земјава. Во проектот „Безбедни жици за загрозени птици“, кој е дел од Програмата Лајф на Европската Унија, Македонското еколошко друштво и ЕВН Македонија ќе работат на обезбедување на заштитна изолација на електричната мрежа која ќе треба да спречи електрификација на птиците која резултира со угинување и со намалување на популациите на овие загрозените видови.
Проектот ќе се реализира до 2030 година во Македонија, Бугарија и Турција, на коридори важни за движењето на овие птици. Во земјава, ќе се работи на четири локации, на површина од 120.000 хектари во Овче Поле, потегот Градско-Росоман-Неготино, Тиквешкото езеро и Тиквешкиот регион. Заштитени ќе бидат околу 3000 столбови, што е една четвртина од вкупниот број во дистрибутивнта мрежа во овие четири региони.
Како што информираше Хрисанти Ангеловска од ЕВН Македонија, покрај изолирањето на столбовите, на мрежата ќе се поставуваат и рефлектирачки уреди кои ќе ја прават повидлива за птиците да можат да ги избегнат судирите и електрификацијата која резултира со смрт.

Проектот ги опфаќа овие две птици заради ризикот што го носат со големиот распон на крила, над 1,5 метри, и со тоа опасноста од судири со електричната мрежа. Над 80 отсто од популацијата на царскиот орел живее во овие четири региони, каде има 35 до 40 гнездечки парови и половината од популацијата на египетскиот мршојадец, кој има многу помала популација.
Според Данка Узунова, орнитолог од Македонското еколошко друштво струјниот удар е најчестата причина за смртност кај царските орли и втора причина за смртност кај египетскиот мршојадец, кој најмногу страда од труења.

„Царските орли се најчесто жртви бидејќи тие столбовите од дистрибутивната мрежа ги користат и за гнездење и за набљудување. Египетските мршојадци не се многу зависни од инфраструктурата кога се однесува на гнездењето, но сепак доаѓаат во контакт со неа. Тие имаат многу мала популација и спаѓаат во групата на загрозени видови,“ вели Узунова.
Во рок од две години, од 2018 до 2020 година се откриени шест случаи на угинување на царски орли од струен удар во земјава, но Узунова вели дека случаите кои остануваат неоткриени се многу повеќе.