Ќе се испитува од кои сметки бизнисменот ги повлекол парите за Боки 13-ка


Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција испитува од кои сметки бизнисменот Орце Камчев, кој наводно го пријави сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски, дека му зел рекет, повлекол 1,5 милион евра, дознава „Независен весник“ од извори во Обвинителството. Сепак, нема да го испитува потеклото на парите бидејќи тие не биле стекнати сега, а нема ни да го гони Камчев бидејќи дал мито за Јовановски да влијае врз специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да ја запре истражната постапка против него.

Парите, како што изјави обвинителката Вилма Русковска, не биле обележани, но Обвинителството обезбедило снимки и од разговори и видеоснимки. Кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал поднел бизнисменот Камчев и во Обвинителството не бил сослушан како сведок, туку отишол да ја дополни кривичната пријава. Сепак, обвинителката вели дека сведокот нема да го гонат бидејќи не се гонел некој што пријавил кривично дело.

Обвинителството води и финансиска истрага за цел имот што го поседува Јовановски и другиот осомничен, бизнисменот Зоран Милески-Кичеец. За имотот кој нема да можат да го докажат од каде им е, ако обвинителството подигне обвинение против него, ќе бара одземање на тој имот.

Неофицијалниот сопственик на 1ТВ, Јовановски, познат во јавноста како шоуменот Боки 13, завчера беше уапсен на граничниот премин „Богородица“, а второосомничениот Кичеец во ресторан во Скопје. Од границата со Грција, Јовановски беше донесен на распит пред судија на претходна постапка. Доцна вечерта некаде на полноќ судот го прифати предлогот на Обвинителството и му одреди триесетдневен притвор по сите три основи кои ги предвидува Законот за кривична постапка, опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на постапката. Откако доби притвор, Јовановски на излез од судот се судри со обвинителката Русковска која даваше изјава за медиумите. „Извинете што ве прекинувам додека зборувате лаги“, ѝ рече Јовановски на Русковска. Додека полицијата го спроведуваше и изнесуваше од судот, Јовановски го задржа својот галантен од, а лисиците ги покри со сакото. Од судот тој беше однесен во истражниот затвор во Шутка каде што бил сместен во хашка соба заедно со уште еден притвореник.

Заедно со Јовановски во притвор заврши и Милески-Кичеец, кој според Обвинителството договарал средби меѓу Боки 13 и измамениот бизнисмен.

Откако беа однесени во затвор, Обвинителството до рано наутро вршеше претреси и собираше докази за двете дела за кои се гони Јовановски примање награда за противзаконито влијание и перење пари.

Тимот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во соработка со Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден до раните утрински часови работеше на прибирање материјални докази поврзани со осомничените во случајот за примање награда за противзаконито влијание.

По наредба на Обвинителството, полицијата вршела претрес во домот на Боки 13, во неговиот стан и во неговата канцеларија во телевизијата, но и во нивните возила. Во возилата била најдени чанти, но во нив немало пари.

Меѓу одземените предмети, покрај два персонални компјутери и еден лаптоп што ги користеле Јовановски и неговата асистентка, одземено е поголемо количество брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од домот на Кичеец се одземени повеќе лаптоп компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ-стикови и мемориски картички, како и поголемо количество оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали имал дозвола.

Записниците за одземени предмети сè уште се подготвуваат и во моментов Обвинителството соопштува:

„Обвинителството ја известува јавноста дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот“, порачуваат од Обвинителството.   (Ф.Ф.С.)