Ќе се формира Координативно тело за „Скопје – кандидат за Европска престолнина на културата“
Предлог-одлуката за формирање на Координативно тело „Скопје 2028 – кандидат за Европска престолнина на културата“, денеска беше изгласана на Седницата на Град Скопје.
Со оваа одлука се предлага формирање на специјално тело чија цел е координирање на активностите што произлегуваат од кандидатурата за оваа титула.
Специјалното тело е составено од претседател заменик-претседател и 19 членови, а истите претставници се вработени во Град Скопје, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за култура, јавните културни институции на Град Скопје и Северна Македонија, како и претставници на граѓанското општество.
Како претседател на специјалното тело е избран Никола Наумоски, раководител на Сектор за поддршка на градоначалникот.
Советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Јелена Жугиќ на денешната Седница истакна дека Скопје – Европски град на културата е одлична идеја, но сепак имаше забелешки околу формирањето на координативното тело, за што посочи дека лицата избрани да раководат со ова тело не се доволно компетентни и упатени во културата.
Европска престолнина на културата е програма на Европската Комисија започната во 1985 година. Во периодот од 1985 до 2021 година, оваа титула е доделена на околу 60 градови од 30 земји од Европа, меѓу кои се повеќе градови од Југоисточна Европа, а од 2021 и на градови од земји кандидатки за Европска Унија.
Програмата има за цел да го нагласи богатството и разновидноста на културите во Европа, да ги празнува културните карактеристики кои европските граѓани ги споделуваат, исто така има за цел да го зголеми чувството на припадност на европските граѓани кон една заедничка културна област и да го поттикне придонесот на културата во развојот на градовите.
Кандидатурата на Скопје за Европска престолнина на културата ја води проектен тим составен од експерти од полето на културата и сродните дејности ангажирани преку ЈУ Универзална Сала. Тимот во соработка со странски консултанти ги дефинира фазите на кандидатурата и изработува акциски план за реализација на активностите.
Кандидатурата се состои од три фази, првата фаза е фаза на подготовка до есен оваа година, кога се објавува повикот за поднесување на прва пријавна книга. Втората фаза е до есен 2022 година, кога се пишува и доставува првата пријавна книга.
До крајот на 2022 година ќе се знае дали Скопје е дел од градови кои одат во вториот круг на селекција.
Третата фаза од кандидатурата се спроведува од крајот на 2022 до втората половина на 2023, во рамки на која се подготвува и предава втората пријавна книга, по која ќе се одлучи кој ќе биде градот носител на титулата за 2028 година.