Ќе се формира Агенција за дигитализација, а допрва ќе се прават и Национални стратегии


Агенција за дигитализација која ќе управува со промените, ќе поставува стандарди за безбедна размена на податоци и ќе се грижи за сајбер безбедноста на сите засегнати страни, како и две национални стратегии за ИКТ и за сајбер безбедност, најавија денеска вицепремиерката Славица Грковска и министерот за информатичко општество Азар Алиу.

„Дигиталната трансформација мора да биде испреплетена со принципите на добро владеење. Бидејќи само така ќе биде насочена кон потребите на сите граѓани. И во поглед на ефикасно користење на јавните услуги и за безбедно и сигурно користење на дигиталните алатки и интернетот во секојдневието”, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“ во организација на фондацијата Метаморфозис.

Во своето обраќање вицепремиерката Грковска го елаборираше Концептот за дигитална трансформација на општеството, кој беше усвоен од страна на Владата пред две недели и за кој веќе е започната подготовка на патоказ за имплементација. Со спроведувањето на Концептот ќе се подобри слободниот пристап до јавните информации, ќе се даде предност на дигиталната верзија на записите и електронските потписи, а дигиталниот потпис создаден со лична карта ќе биде еквивалентен со своерачниот потпис. Таа нагласи дека со имплементација на начелото дека податоците што се еднаш внесени во јавен регистар нема повторно да се бараат од физичките и правните лица, ќе се зголеми ефикасноста на институциите во меѓусебната комуникација, но и во однос на граѓаните. Спроведувањето на Концептот значи и воведување електронска лична карта и мерки со кои ќе се поддржи поврзувањето на сите домаќинства на широкопојасни услуги за да се избегне продлабочувањето на постоечките дигитални јазови во општеството и маргинализацијата на цели групи од општествените текови.

„Ова несомнено ќе ја подобри релацијата граѓани – институции и ќе елиминира низа штетни пракси, кои создаваат фрустрации во секојдневното функционирање, го поттикнуваат коруптивното однесување и нееднаквиот третман и секако, придонесуваат за недовербата во институциите“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Поради неопходноста од создавање систем кој ќе биде отпорен на бројните ризици кои се пропратен елемент на дигитализацијата, но и заради задржување и привлекување на квалитетен и квалификуван ИТ кадар во институциите ќе се формира и Агенција за дигитализација. Агенцијата ќе управува со промените, ќе поставува стандарди за безбедна размена на податоци и ќе се грижи за сајбер безбедноста на сите засегнати страни.

„Граѓаните и институциите во повеќе наврати веќе ја почувствуваа и опасноста од хибридните закани. Нема сомнеж дека во иднина ќе искрснуваат и предизвици кои не можеме ни да ги замислиме во моментов, а кои силно ќе влијаат врз социоекономските состојби и процеси. Затоа, немаме друг избор освен да градиме силна инфраструктура и да вложуваме во професионални човечки капацитети со кои дигиталната трансформација ќе се одвива што поефикасно и со што поголема отпорност. Бидејќи колку поуспешно се адаптираме на технолошките промени, толку  повеќе ги јакнеме условите за развој и напредок на сите полиња“, заклучи вицепремиерката Грковска.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу се обрати на меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните”, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и мрежата ИЦЕДА (Increasing Civic Engagement in the Digital Agenda).

Министерот се осврна на дигиталната трансформација насочена кон потребите на сите граѓани, при што истакна дека основен предуслов за  да се биде во чекор со брзиот развој на информациско-комуникациските технологии, е дигиталната трансформација на целокупното општество.

,,Дигиталната писменост е многу важна за вработените во јавниот сектор, но исто така и за општеството и за граѓаните. Во насока на дигиталната трансформација, Министерството за информатичко општество и администрација подготвува две стратегии, во согласност со европските стратешки насоки и добри практики: Националната ИКТ стратегија 2023-2030 и Националната стратегија за сајбер безбедност 2023-2027“, истакна министерот Алиу.

Основните столбови на Националната ИКТ стратегија се дефинирани имајќи го во предвид Дигиталниот компас на Европската Унија, а главни приоритети, ќе бидат:  Дигитална поврзливост и ИКТ инфраструктура,  Дигитални вештини, Дигитална влада, Дигитализација на бизниси, ИКТ овозможувачи и дигитални иновации.

Во Нацрт ИКТ Стратегијата како и Нацрт Стратегијата за реформа на јавната администрација, се предвидува проект со кој секој граѓанин бесплатно ќе може да направи идентификација преку нова мобилна апликација На тој начин, рече министерот, ги доближуваме придобивките од технолошкиот развој до граѓаните. Во однос на Стратегијата за сајбер безбедност, истакна дека намената е биде водич во областа за секое физичко и правно лице, коешто има интерес и се чуствува како засегната страна во сајбер просторот. Министерот исто така во говорот го посочи и системот за Централен регистар на население, кој секојдневно и без човечка интервенција ги ажурира податоците за сите граѓани врз основа на животните настани (како промена на адреса на живеење, промена на презиме и сл).

,,Напредната дигитална поврзаност, унапредените дигитални вештини, подобрените национални капацитети за сајбер безбедност, сигурна и отпорна критична инфраструктура и сигурните и отпорни национални ИКТ системи, неминовно водат кон ново ниво на дигитална писменост и нови начини на дигитално работење, што овозможува граѓаните да ги препознаат  предностите и придобивките од дигитализацијата и да ги искористат новите можности што им се нудат“, рече министерот Алиу.