Ќе се чистат речните корита во Јегуновце и Гостивар со проект вреден 12 милиони долари
Министерката за животна средина, Каја Шукова, денеска информира дека државата преку швајцарската влада обезбедила средства во вредност од 12 милиони американски долари за расчистување на речните корита од вегетација и од отпад во Јегуновце и Гостивар.
„Околу поплавите државата презема мерки. Пред неколку дена започнавме еден проект. Државата во овој момент обезбеди средства преку швајцарската влада, а го спроведува УНДП за расчистување на речните корита, каде што има многу вегетација и отпад. Почнуваме проект во вредност од преку 12 милиони американски долари во две општини Јегуновце и во Гостивар каде ќе се чистат речните корита од вегетација и од отпад, за да се заштитат граѓаните во овие две општини од поплави, бидејќи таму имаше сериозни проблеми изминативе години. Државата во моментов помага на тие две општини. Во наредните неколку месеци ќе се чисти таму“, рече Шукова на денешната најавна прес-конференција за отпочнување на годинешната акција за пошумување – „Пошумуваме заедно 2023“.
Пред три дена го започнале чистењето на речните корита на потег од 8,5 километри во Јегуновце. За скоро време ќе почнат со чистењето и во Гостивар. Таа апелираше до граѓаните да не се фрла отпад по речните корита, бидејќи водите не можат природно да истекуваат.