Ќе се бара решение за илјадниците амандмани за Изборниот законик


Несогласувањата околу промените во Изборниот законик кои резултираа со 6.000  амандмани од страна на  ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денеска ќе се  „пеглаат“ на состанок во Министерството за правда.

Пратеникот од ДУИ Артан Груби  информираше дека министерката Рената Дескоска свикала состанок на сите парламентарни и вонпарламентарни партии, како и на претставници од граѓанскиот сектор и од некои институции, на кој ќе се бара најдобриот можен изборен модел.

– Процесот на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да почнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова Собрание и политичката сцена во нашата држава. Таквите измени треба да се носат консензуално, во согласност со сите политички партии – изјави пратеникот Груби.

До консензус тешко ќе дојде со оглед на бројот на амандманите, но и поради несогласувањето на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ со предлогот целата територија на Македонија да биде една изборна единица, наместо досегашните шест.