Ќе продолжи изградбата на Турскиот театар во Скопје, вели министерката Стефоска


Планирани се средства за продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, изјави денеска на прес-конференција министерката за култура Ирена Стефоска која го презентираше Предлог – буџетот за 2021 година за културата, кој изнесува 3 милијарди 276 милиони 430 илјади денари (53 милиони евра).

 

Турски театар-Скопје годинава одбележа седум децении постоење на сцената на Театар Комедија, каде што работи во изминатите неколку години,  затоа што објектот што за овој ансамбл се гради пет години во близина на Железничката станица е карабина и далеку од конечна реализација.

Според в.д. директорката Несрин Таир, неопходно е да се среди фасадата и покривот, за да се заштити и она што е досега изградено. Уште во јануари 2019, кога станала в.д. директор, се заинтересирала во Министерството за култура, во секторот за инвестиции и Владата до каде е процесот, што е направено и колку е потрошено, но дека не е компетентна да навлегува за изграденото и исплатеното досега, како што рече, со многу анекси и со многу повеќе потрошени средства.

– Колку што ми дозволува надлежноста, праќав писма. Одговорија дека се прави сè за да продолжи изградбата на Турски театар и да може да се реши дупката од две и пол години што ништо не се правело поради потрошените средства дотогаш, затоа што во изградба работите се менуваат, ни изјави Таир која ја поздрави одлуката да се продолжи со изградбата на Турскиот театар во Скопје.

Во јули 2015 година беше поставена темел- плочата на театарот којтреба се гради на површина од 2.600 квадратни метри. На тоа му претходеше решавање на имотно-правни прашања и расчистување на теренот. Турски театар со децении функционираше зедно со Албанскиот театар во некогашниот Театар на народностите на Битпазар. Поранешниот заеднички објект му е предаден на Албанскиот театар и беше реконструиран од темел. Додека траат градежните работи , ансамблот на Турскиот театар своите претстави ги изведува на сцената на „Комедија“. Покрај претставите за кои конкурираа во Годишната програма на Министерството за култура, во јубилејната година Турски театар имаше и независни копродукциски проекти.

 

Капацитет за повеќе од 450 гледачи

 

Турскиот театар чии идејни автори се Виктор Михајлов и Александар Наумчески ќе биде модерен објект кој ќе го краси Скопје  и ќе биде на 8 нивоа од кои 5 надземни и 3 подземни.

Извор: МАРХ

Турскиот татар ќе биде современ технолошки објект кој ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. Малата сцена ќе биде со површина од 180 м2 и максимален капацитет до 150 посетители, а големата сцена во објектот ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта. Покрај основната фунцкија на објектот, планирано е во негови рамки да има и изложбена галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала. (Л.С.)