Ќе продолжи да се гради висококатницата кај Воената болница
Покрај протестите, повиците на еколошките здруженија, укажувањето дека оваа зграда ќе го попречи слетувањето на медицинските хеликоптери во близина на Воената болница во Скопје, сепак, законски нема пречка да продолжи изградбата на висококатницата во Карпош.
Од Општината информираа дека, Управниот суд доставил пресуда до Секторот за урбанизам на Општина Карпош, со која се која се поништува решението на позитивното конзерваторско мислење од страна на НУ Конзерваторски центар – Скопје кое го смета за неправилно и незаконито, од причини што во правниот промет не можат да постојат два правни акта, т.е. две конзерваторски мислења донесени по исто барање, но со сосема различна содржина и притоа да произведуваат различни правни дејства.
Управниот суд на РСМ донел одлука со која, второто, (негативното конзерваторско мислење) по службена должност мора да биде повлечено од правниот промет од страна на НУ Конзерваторски центар – Скопје, од причини што ваквото постапување на органите сериозно ја доведува во прашање правната сигурност на сите правни и физички лица во РСМ. Против оваа одлука на Управниот суд, незадоволната странка во постапката нема право на жалба.
Практично, со оваа одлука на Управниот суд на РСМ се потврдува дека Секторот за урбанизам на Општина Карпош постапил законито, при издавањето на дозволата за градба на горенаведената зграда, стои во соопштението на општина Карпош.
Општина Карпош, се соочуваше со бројни барања од различни инстанци да сопре изградбата на оваа зграда, односно да го поништат одобрението за градење број УП 1 бр. 47-560 од 18.01.2024 година издадено на инвеститорите „ЗСФ Ком“ ДООЕЛ Скопје и „Делта 2015 Констракшн“ ДООЕЛ Скопје, на улица „Никола Русински“.
На просторот позади бензиската пумпа „Макпетрол“ и поликлиниката „Букурешт“ ќе се гради зграда на 17 ката, иако првично беше планирано да се гради зграда од 28 ката.