Ќе почекаме за билет за едно возење со градските автобуси


Фото: Б. Грданоски

ЈСП „Скопје“ е во постапка за воведување билет за една употреба, кој најмногу им е потребен на туристите и граѓаните кои многу ретко го користат јавниот превоз во Скопје.

Цената на билетот сè уште не се знае, иако уште кога се најави оваа новина, се шпекулираше со цена од околу 60 денари. Од ЈСП „Скопје“ ни изјавија дека процедурата, односно јавниот оглас е во тек и дека неблагодарно е во оваа фаза да прецизираат кога би започнала продажбата.

Исто така, цената на билетот и изгледот (хартија, пластика и сл.) не е утврдена, затоа што неопходно е најпрво да заврши постапката, за да се утврдат посочените детали.

„Билетот за едно возење е дел од јавна набавка која содржи повеќе сегменти, односно ќе бидат овозможени и други поволности, како апликација наменета за инсталација на паметни телефони базирани на андроид оперативни системи, која на корисниците ќе треба да им овозможи купување различни видови билети и нивно користење со помош на NFC технологија (паричник-надополнување, активирање на плаќање, преглед на сметка, листа на активни билети со времетраење); информации – време на пристигнување на автобуси; шема на автобуски рути, мапа со филтер на пребарување; планирање рути со геолокација…“, велат од ЈСП „Скопје“.

Инаку, граѓаните и сега имаат можност да платат само едно возење преку своите мобилни телефони со доближување на телефонот до апаратот за валидирање во автобусите. На овој начин, од сметката се одземаат 40 денари. Цената за месечен билет за градски линии изнесува 1.400 денари, додека за сите линии 1.600 денари. (Б.Б.)