Ќе оди ли Владата до крај со фирмите што ја злоупотребија помошта за плати
Покрај кривичното гонење на работодавците кои ги задржале парите наменети за вработените како дел од мерките за справување со последиците од КОВИД-19, УЈП најави и прекршочни постапки и изрекување глоби поради кршење на повеќе закони
Утре или најдоцна задутре е крајниот рок кој го најави Владата дека ќе поднесе пријави до Јавното обвинителство против фирмите, односно работодавачите кои ја злоупотребија држнавата помош за исплата на плати за вработените. Вчера ова го потврди и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, која во интервју за ТВ 24 рече дека покрај кривичното гонење на работодавците кои ги задржале парите наменети за вработените како дел од мерките за справување со последиците од пандемијата со КОВИД-19, УЈП ќе преземе и прекршочни постапки и изрекување глоби поради кршење на повеќе закони – за прекршоци, за работни односи, за придонеси, но и дека тие ќе мора да ги вратат земените пари…
Скандалот не остана само во рамките на нашата земја бидејќи дел од парите што беа искористени за помош на компаниите се од меѓународните финансиски институции кои се исклучително чувствителни како се трошат средствата што ги одобруваат на земјите кориснички. Од Светска банка од каде што беа добиени средства за реализација на владината Уредба изјавија дека би можеле да отпочнат истрага како се трошеле позајмените пари.
„Фирмите кои аплицираа за субвенцијата се согласија во нивната апликација да ги почитуваат упатствата за борба против корупцијата на Светска банка – така што, покрај тоа што треба да ги вратат парите, тие би можеле да бидат предмет и на истрага од Светска банка. Светска банка е задоволна што гледа дека се воспоставени силните механизми за надзор за да се обезбедат овие пари што ги достигнуваат вработените“, се вели во изјавата за „Телма“.
Во петокот, вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ќе има санкции за компаниите кои добија државна помош, а не им ја дадоа на работниците, за што, како што објасни, се испитуваат сите правни можности.
„Платите итно треба да се исплатат на работниците, треба да се покаже одговорност од страна на компаниите. Направен е голем пропуст и секако санкционирање на компаниите ќе се случи. Во моментов, Генералниот секретаријат ги испитува сите правни можности, се покренуваат сите елементи кои се можни, истакна Царовска по посетата на компанијата „Витек“ во ТИРЗ Скопје 1.
Прашање е меѓутоа како работниците на кои не им беа исплатени платите ќе можат да ја добијат помошта. Тоа секако е можно доколку работодавците по јавните прозивки се решат да им ги исплатат платите, што според некои информации дел и го сториле. Но правните експерти се поделени што доколку тоа не го направат, при што некои од нив велат дека тоа би било можно во судска постапка.
Според Лукаревска, се бараат механизми парите да дојдат до сите работници кои биле изиграни. Директорката на УЈП исто така објасни зошто парите не им биле исплатени директно на вработените, туку целата постапка одела преку фирмите. Ваквиот принцип на исплата бил договорен и во разговорите со Светска банка и врз основа на други консултации, а главната цел била преку помошта да се зачуваат работните места.
„Работодавачите се тие кои што треба да се грижат за вработените“, вели Лукаревска.
Од Генералниот секретаријат на Владата веќе најавија дека ќе бараат од Јавното обвинителството кривична постапка против газдите на фирми што ја злоупотребиле државната помош за исплата на плати. Од таму изјавија дека веќе се подготвуваат соодветни постапки пред обвинителството и во вторник, а најдоцна до среда ќе бидат поведени против сите оние кои што немаат исплатено, а ги имаат добиено парите.
Во јавноста не стивнуваат реакциите за овој скандал, особено што фирмите и стопанските асоцијации во кои тие членуваат, беа многу гласни кога се конципираа мерките со кои државата обезбеди средства да им помогне на компаниите да ги задржат вработените во екот на корона кризата и кога економијата беше ставена под клуч, а стопанските активности во многу сектори буквално беа замрени. Лукаревска директно не го коментира ова прашање, но вели дека кога се подготвувале мерките во постапката биле вклучени и коморите, синдикатите и други заинтересирани страни.
„Буквално со сите раговаравме, во Стопанската комора на Македонија дури направивме и обуки за сите компании кои што сакаат да аплицираат за овие мерки, разговаравме и со синдикатите“, вели таа.
На прес-конференцијата на која го обелодени скандалот Лукаревска појасни дека за месец април на 19.780 работодавачи им се исплатени вкупно 1.793.207.603 денари за вкупно 128.315 вработени. Вкупно 281 работодавач кои примиле финансиска поддршка за месец април, во износ од 9.995.565 денари не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени. Во мај, пак, на 19.938 работодавачи им биле исплатени вкупно 1.666.373.597 денари за 119.182 вработени. За овој месец вкупно 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка од 13.698.998 денари.
Инаку, на списокот што го објави Владата, се наоѓаат фирми од цела Македонија, иако доминираат од Скопје, Тетово, Гостивар, Куманово…, а ги има од разни дејности и со различен број вработени.
На прво место на овој список е градежната компанија „Викторија инвест“ од Елбасан Албанија, која не им исплатила плати на 866 вработени, иако за таа цел од државата добила 696 илјади денари или нешто над 10 илјади евра. Втора на списокот е велешката фирма „Жито Вардар груп“ на која и биле префрени нешто под 3.700 евра за исплата на платите за 17 вработени, потоа струшката фирма „Изи холдинг“, која добила околу 3.400 евра за 15 вработени, „Албезе инг“ од Боговиње со 2.600 евра за 14 вработени, тетовскаата „Еуро-тех“ со околу 2.300 евра за 16 вработени, „Налеј јуниор“ со седиште во општина Аеродором, „Девелопмент птхс“ од Теарце, „Седми април плус“ од Кисела Вода и тн.
Лукаревска вчера рече дека независно дали некои од работодавачите ги исплатиле работниците откако изби скандалот со државната помош од 14.500 денари по вработен, сите кои направиле прекршок ќе бидат казнети.
„Независно дали некои компании откога го алармиравме случајот ги имаат исплатено парите на работниците, сепак ќе бидат предмет на натамошна истрага и следни контроли. Казни ќе има за сите, дури како институција размислуваме во овие фирми да направиме и посебни контроли по други основи, односно по основ на другите даноци“, рече таа. „Во нашиот дел тоа значи дека покрај тоа што ќе спроведеме присилна наплата, во самата Уредба стои дека средствата ќе треба да се вратат и ќе се постапува по прекршочните одредби од законот за прекршоци, законот за работни односи, законот за придонеси и тн“, рече таа.
Без оглед како ќе се одвива постапката против фирмите што ја злоупотребиле помошта, работа за надлежите институции ќе има и во иднина. Особено што во јавноста доаѓаат и други информации – дека не била исплаќана целата помош, како и дека некаде таа им била исплатена, а потоа на работниците им било барано да ја вратат, за што ќе се вклучи и Државниот инспекторат за труд.
Инаку, според информаците што ги сподели на Фејсбук министерката за финансии, Нина Ангеловска, преку разните мерки до фирмите и граѓаните до сега се исплатени 140 милиони евра државна помош.
„Вкупната вредност на трите пакети aнтикризни мерки кои ги преземаме за поддршка на граѓаните и стопанството за надминување на последиците од Ковид-19 кризата се проценува на 500 милиони евра“, напиша Ангеловска на својот ФБ профил.
Таа наведе дека досега, до граѓаните и фирмите исплатени се околу 140 милиони евра државна помош oд кои 40 милиони евра кон граѓаните и 100 милиони евра кон фирмите.
„За граѓаните: домашна платежна картичка за над 330.000 граѓани – 28,3 милиони евра, ваучери за домашен туризам за над 117.000 граѓани – 12 милиони евра, за самостојните уметници – 65.000 евра, за спортистите 400.000 евра и за паричен надоместок за невработеност – 50 отсто од последната просечна нето-плата 810.000 евра“, стои во објавата на министерката.
За компаниите, додава Ангеловска, преку мерката 14.500 денари финансиска поддршка за над 130.000 вработени во над 19.500 фирми – 83,3 милиони евра, бескаматни кредити преку Развојната Банка – поддршка за 1.331 претпријатие и над 16.600 вработени досега 12,7 милиони евра, субенционирање на 50 отсто од придонесите до просечна плата за погодените компании, за над 2.500 компании – 1,4 милиони евра и ослободување од аконтации за данок на добивка и данок на личен доход за над 1.500 даночни обврници околу 2 милиони евра. (М.Ј.)