Ќе оди ли Русковска курбан за законот?

Законот за обвинителство, кој во петокот го предложи премиерот Зоран Заев, денеска влегува во собраниска процедура. Власта ќе се обиде да стигне до двотретинско мнозинство за да ги протурка измените, со кои СЈО станува дел од новоформираното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејствување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство. За таа цел, најпрво се бара компромис со ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека единствено се согласуваат СЈО да стане дел од редовното Обвинителство, додека изборот на Вилма Русковска за нов шеф на одделот, нејзината огромна моќ што се предвидува со законот, како и можноста да продолжи со истрагите на СЈО отворени по законскиот рок од 30 јуни 2017 година, се апсолутно неприфатливи.
Иако во СДСМ декларативно и вчера ги повикаа политичките ривали да го поддржат текстот на законот, сепак, од владејачките структури почнаа да стигнуваат првите сигнали дека се подготвени да ја жртвуваат Русковска, а за возврат да ги добијат потребните гласови од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Артан Груби, кој важи за десна рака на партискиот лидер Али Ахмети, рече дека не е работа на Собранието или на Владата да одредува прв човек на новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција што треба да го наследи СЈО, туку на Советот на обвинители.
„Политичките партии не треба да навлегуваат во кадровски решенија за нов обвинител. Кога го направија тоа пред четири години, гледаме сега што излезе“, дополни Груби. Според ДУИ, новиот предлог-закон е добра основа за компромис што треба да се постигне со парламентарна дебата.
Во СДСМ велат дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мора да покажат одговорност пред државата и граѓаните и заеднички да придонесат во воспоставувањето на правдата и правната држава.
„Предлогот обвинителката Русковска да го води ново Јавно обвинителство за организиран криминал не е одлука на политичарите. Таа во моментов е прв човек на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Предлог на ВМРО-ДПМНЕ беше Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во рамките на Јавното обвинителство и ние го прифативме. Обвинителите ги избира Советот на јавни обвинители. Предлог-законот предвидува спојување и оттука логично е мандатот да го продолжи обвинителката што веќе ја извршува оваа функција“, објаснуваат од СДСМ.
Во ВМРО-ДПМНЕ и вчера повторија дека нема шанси да разговараат за законот доколку Русковска остане во игра. Според нив, актуелниот Совет за јавни обвинители е под целосна контрола на премиерот Заев и затоа би требало да се избере нов Совет на јавни обвинители.

Алијансата и Беса против
Доколку не дојде до компромис со опозицијата, владејачките партии, кои во моментов немаат 80 пратеници, ќе се обидат да го применат истиот принцип како и при гласањето за промената на името.
Осумте независни пратеници што тогаш ја кренаа раката за Преспанскиот договор сега тактизираат и велат дека сè уште не го прочитале предлог-законот на Заев.
Од Алијансата за Албанците ни изјавија дека очигледно оти спас за земјите од Западен Балкан е само формирање на специјални судови со обвинител назначен од Европската унија, затоа што сè друго е осудено на неуспех.
„Ние сме исправени пред тоа да не гласаме за предложеното решение и да немаме никаков закон во услови кога поминуваат роковите од стариот закон или да гласаме за решение кое ги амнестира криминалците затоа што прислушуваните разговори понатаму нема да се земаат како докази. Ќе интервенираме со амандмани најмалку во три делови на предлог-законот и од тоа дали ќе бидат прифатени или не ќе зависи и како ќе гласаме“, вели лидерот Зијадин Села.
Од Беса, пак, велат дека нема да го поддржат законското решение на Заев доколку не претрпи битни измени.
„Преку новиот предлог-закон беше погребано СЈО. Неприфатливо е тоа што ќе нема нови случаи што ќе излезат од т. н. ‘бомби’, односно од прислушуваните разговори. Доколку не се поработи на ново решение, ние нема да гласаме за овој закон“, велат од Беса за „Независен“.

Жбогар гледа позитивен аспект
Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека се труди да го гледа случајот „Рекет“ од позитивен аспект и смета оти покажува дека Јавното обвинителство се бори против корупцијата. Тој нагласи дека е видливо оти во земјава се поставува судска пракса за борба против корупција на високо ниво и во таа смисла изрази поддршка на Јавното обвинителство со цел да биде поангажирано и да работи на вакви случаи.
„Во државата нема причини за политичка криза, институциите функционираат, Јавното обвинителство е функционално, а функционира и Специјалното јавно обвинителство. Точно е дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поднесе оставка и тоа го имаме предвид и свесни сме за тоа, но СЈО ќе продолжи да функционира до 15 септември. Дотогаш има доволно време политичките лидери да размислат на кој начин ќе продолжи работата на СЈО. Една од можностите е тоа да биде интегрирано во рамки на општото јавно Обвинителство и има време тоа се реши“, порача Жбогар.
Доколку дојде до брз договор, можно е законот да биде изгласан до први август кога пратениците одат на одмор. Постои можност и без договор, владата да го стави Законот на гласање за да се види кој е за, а кој против иднината на СЈО. Сепак, најреално е да се остави простор до крајот на август да се најде компромисно решение и да се изгласа по враќањето на пратениците. Законот за обвинителство е важен за евроинтеграциите на земјата, но пред сè, за нас самите.

Дескоска: Ние само го прифативме предлогот на ВМРО
Министерката за правда Рената Треневска – Дескоска не одговара децидно на прашањето дали владата е подготвена да преговара за Русковска.
„Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ кои беа доставени на претходниот текст, предлагаа СЈО да влезе во Јавното обвинителство за организиран криминал и немаше предлог за престанок на мандатот на Русковска. Ние само го прифативме нивниот предлог“, ни изјави министерката за правда.

Горан Адамовски