Ќе нема помалку часови за учениците, но ќе бидат помалку ученици во паралелка


Од новата учебна година нема да има намалување на бројот на часови бидејќи сегашната состојба покажува дека учениците до 14 години имаат над 900 часа помалку од нивните врсници од земјите на ОЕЦД, поради што ќе им се даде можност да се вклучат во поголем број практични активности. Во саботите нема да се одработува пропуштената настава, оти праксата досега покажала дека тоа било непродуктивно, така што ако е потребно учебната година ќе трае подолго и ќе зависи од тоа колку денови од наставата се неисполнети.

Намалување ќе има само на бројот на ученици во паралелка. Сега минималниот праг е 24 ученици, а максимумот 34. Со новиот закон се предлага минималниот праг да биде 20 ученици во паралелка, а максималниот 30. Во овој дел новина е тоа што по исклучок паралелка може да се формира и со најмалку 15 ученици, само за наставата по изборните предмети. Во одделенската настава од прво до петто одделение на часовите по предметот физичко и здравствено образование ќе се вклучи и наставник по физичко, стои во новиот предлог-закон за основно образование, кој од вчера е ставен на ЕНЕР и на интернет-страницата на Министерството за образование и наука, на кој свои забелешки и мислења во наредните 20 дена ќе можат да достават граѓаните. Сите издржани и основани коментари ќе бидат разгледани и земени предвид за што поскоро законот да биде предложен до Владата, а потоа и до Собранието на гласање и негово ставање во сила со почетокот на новата учебна година.

„Ако во некое училиште има над 30 ученици во паралелка, ќе треба да достават барање за согласност за ново вработување, а ние според закон сме принудени да дадеме согласност. Организацијата за помалку ученици во паралелка ќе се прави во самите училишта, а каде што ќе има потреба ние ќе им излеземе во пресрет. За предметот физичко образование наставата ќе почне континуирано да се имплементира од прво, така што ќе почнеме со тандем наставници. Новиот предлог-закон содржи одредби кои значат унапредување на наставниот процес и начин на организација на наставата, зајакнување на темелните уставни вредности во образовниот процес, како што е недискриминацијата, забраната за понижувачко постапување за учениците и за вработените во училиштата и воспоставување принцип на целосна инклузија на учениците со попреченост преку сеопфатен систем на поддршка имајќи ги предвид индивидуалните потреби на учениците“, објасни министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Предвидени се надворешни мерења на постигањата на учениците за подобрување на воспитно-образовниот процес (меѓународни и државни проверки).

„Во новините стои дека министерот, на предлог на Бирото треба да утврди национални стандарди, базирани на компетенции кои учениците треба да ги стекнат и усвојат на крајот на секој период од основното образование од подрачјата: јазична писменост, изучување други јазици, математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, претприемништво и уметничко изразување, култура и мултикултура“, додаде Адеми.

Во однос на исхраната на учениците подвлечено е дека нутритивниот квалитет на храната и оброците ќе ги утврдува Институтот и Центрите за јавно здравје. Директорот на училиштето ќе има обврска да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта и за забележаните неправилности веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето да ги извести Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или Државниот пазарен инспекторат. Исто така, Советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали во основното училиште оброците се согласно стандардите за исхраната.

За учениците со попреченост се предвидени разни образовни и лични асистенти и технолошки. Во насока на унапредување на мултикултурализмот и меѓуетничката интеграција, законот предвидува во училиштето да се формира тим за училишна интеграција кој ќе ги планира и организира активности кои придонесуваат кон тоа. За да се намали односно елиминира политичкото влијание во образованието, се унапредува начинот на раководење и управување со училиштето. Па така, училишниот одбор на основното училиште ќе биде составен од седум члена наместо досегашното решение од девет члена, и тоа: тројца претставници од наставниците, стручните соработници од училиштето, тројца место двајца претставници од родителите и еден (место двајца досега) претставник од основачот. Двајцата претставници од Министерството се бришат и нема да бидат дел од училишниот одбор.

Во однос на директорите на училиштата, во ова законско решение се предвидуваат неколку промени. Училишниот одбор на општинското односно државното основно училиште, на градоначалникот односно министерот му го предлага кандидатот кој добил мнозинство од гласовите на членовите на училишниот одбор за избор на директор, со што на овој начин се ограничува влијанието на министерот и градоначалникот и се избира најдобриот кандидат. Предност при избор ќе имаат наставникот ментор и наставникот советник откако ќе се воведе системот на кариерен развој.

Антикорупциска ќе истражува како Арбер Адеми станал доцент 

До Државната комисија за спречување корупција стигнала пријава за министерот за образование и наука Арбер Адеми, а ја поднел просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски. Предметот, велат оттаму, сè уште не е отворен. На новинарско прашање дали е запознаен за претставката во која е наведено дека незаконски бил унапреден, односно добил наставно звање доцент на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово во 2017 година, додека во Владата бил вицепремиер за европски прашања, а работниот однос како асистент на Факултетот му бил во мирување, Арбер одговори дека никој од надлежните не го исконтактирал и дека не е запознаен за пријавата.

„Јас не сум контактиран од ниту една надлежна институција, немам информација за какво било случување. Секако дека треба да се запазат законските процедури и за моето унапредување. Постапката за моето унапредување се водела од страна на Универзитетот. Знаете дека универзитетите се тие што распишуваат конкурси и огласи за избор и реизбор, каде што заинтересираните кандидати аплицираат, така што за каква било постапка ние сме тука и ги охрабруваме органите да ја спроведат и да ги почитуваат законските постапки“, рече Адеми.

„Предмет за случајот ќе биде отворен на некоја наредна седница“, кусо одговорија од Антикорупциска.

Вероника Мароска-Леова