„Ќе налетаат на тврд орев“: Мицкоски за отпорите за отворање на рудник на антимон
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека оние кои што се против отворањето рудник за антимон во нашата земја „ќе налетаат на тврд орев“ и нагласи дека овој рудник е важен за иднината на државата.
Коментарот за рудникот на антимон, кој беше најавен деновиве како дел од стратешкиот дијалог со САД, беше даден како одговор на новинарско прашање за прометот во индустријата, откако Државниот завод за статистика излезе со информација дека е зголемен за 1,6 отсто во февруари 2026 година во однос на февруари 2025 година, а во однос на јануари 2026 година, за 19,5 отсто, но во периодот јануари – февруари 2026 година, во однос на периодот јануари – февруари 2025 година, бележи опаѓање од 3,7 проценти.
Мицкоски одговори дека имајќи ја предвид состојбата во светот и состојбата во Европа, смета дека растот во прометот во индустријата и дома и надвор е солиден, како и дека Македонија е единствена земја што има таков раст во регионот.
„Често пати кога коментираме, мора да правиме споредби. И сега оваа Влада шест квартали по ред има просек раст на бруто домашен производ од 3,5 отсто, но во услови кога растот во ЕУ е под 1 отсто. Некој ќе каже, имало периоди кога растот бил и 5,5% и 6%, но да, тогаш и растот во рамките на Европската Унија бил идентичен 5,5% и 6%. Сега имаме повеќе од три и половина пати поголем раст од оној просечниот што е во ЕУ, шест квартали, зборувам по ред. И тоа за нас претставува инспирација дека добро ги тераме работите. Сега не велам одлично, секогаш може подобро, но сега за сега имајќи ја предвид глобалната ситуација, мислам дека добро се тераат работите. Во тој предизвик е индустријата“, рече Мицкоски, реферирајќи најверојатно на податоците на ДЗР за индустриското производство, кое во февруари годинава беше опомало за 4,2 отсто во однос на февруари минатата година. Притоа, според статистичките податоци, падот во секторот Рударство и вадење камен бил 9,6 проценти.
Во тој контекст, Мицкоски се осврна и на отпорот во дел од јавноста за отворањето нови рудници.
„Кај индустриското производство имаме два предизвици, т.е. слабата активност на дел од рудниците. Иако, има и такви структури во општеството коишто би сите рудници да се затворат и оние коишто ги исполнуваат сите еколошки стандарди и на тој начин да ја банкротираат државата за да добијат грант повеќе. Има и такви. Еве гледам реакција одма после стратешкиот рудник за антимон којшто е светски конкурентен, се појавија некои такви, одма да критикуваат за да добијат грант повеќе. И да ја кодошат државата и оваа Влада, но овој пат мислам дека на тврд орев ќе налетаат. Нема да се повлекуваме затоа што тоа е иднината, ако сакаме да имаме држава, тоа е иднината“, рече Мицкоски.
Второ, како што додаде е она коешто нему му е важно, а тоа е покрај рудниците да се стабилизира делот на производството на електричната енергија.
„Мислам дека е веќе во рамките на едни стабилни текови. Така што генерално, мислам дека, имајќи ја предвид состојбата ќе повторам, глобално сме на добра патека“, рече Мицкоски.
Рудникот за антимон беше најавен од Мицкоски пред десетина дена, како дел од стратешкиот дијалог со САД, при што премиерот рече дека американска компанија ќе експлоатира руда антимон во Кривопаланечко, која потоа ќе се преработува во Соединетите Американски Држави.
Тој посочи дека рудата антимон ќе се експлоатира во близина на кривопаланечкото село Луке. Станува збор за редок минерал. Итрагите таму се веќе при крај и, како што рече Мицкоски, се очекува „многу скоро да биде започнато“. Рудата ќе се извезува во САД, каде што ќе се преработува во топилница во Оклахома.
„Независен“ објави дека сопственик на фирмата кој треба да ја врши експлоатацијата е Австралиец со потекло од Македонија. Станува збор за Ник Јовановски, извршен директор на „Пела глобал лимитед“, фирма чија главна стратшка цел е наоѓање злато, сребро и антимон во Македонија, која веќе е навлезена во бизнис водите во државава поврзани со минералите и енергетиката. (М.Ј.)
На истата тема:
Американци ќе копаат антимон во Македонија, Мицкоски го нуди и „Чебрен и Галиште“